Македонија
Спасовски најави дека ќе ја преиспита работата на Чулев во МВР
Техничкиот премиер во актуелната Влада, предложен повторно за министер за внатрешни работи – Оливер Спасовски, давајќи отчет за деветмесечното работење на техничката Влада, најави преиспитување на работата на Наќе Чулев, кој беше технички министер за внатрешни работи. Одговарајќи на новинарско прашање за смени и деградирања на полицајци, Спасовски рече дека решенијата ќе ги носи преку дијалог.
„Не требаше да се случуваат ако сакаме полиција како што сакаме да имаме. Од моментот кога парламентот ќе ја изгласа владата, ќе видам што е направено во овие 9 месеци. Како што водев дијалог и претходно, ќе седнеме и со вработените и со синдикатите на разговори. Врвен приоритет е професионална полиција, полиција што ќе им служи на граѓаните“, рече техничкиот премиер Спасовски.
Тој изрази особена благодарност до полицијата, Армијата, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, како и до здравствените работници за успешно справување со кризата.
Техничката Влада што ја водеше Спасовски беше избрана на 3 јануари годинава со обврска да ги подготви предвремените парламентарни избори, кои беа закажани за 12 април. Поради пандемијата, изборите беа одложени, а се издолжи и мандатот на техничката Влада.
Новата влада, во која Спасовски е предложен повторно за министер за внатрешни работи, се очекува следната недела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: ДПМНЕ не ја потпишува Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти
„ДПМНЕ не ја прифати подадената рака на СДСМ за заедничко потпишување на Резолуцијата и со една одлука на Собранието граѓаните да бидат сигурни дека мигранти во Македонија нема да има“, велат од СДСМ.
„По толку јавни повици за заедничка акција, секој ден, добивме молк. На сите им е јасно дека ова е свесна политичка одлука на ДПМНЕ и дел од нивната стратегија.
Доколку немаше задкулисни договори и преземени обврски за кои јавноста дозна од британските медиуми, Резолуцијата одамна ќе беше потпишана.
Сега веќе можеме јавно да констатираме: ДПМНЕ одбива да ја потпише Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти.
Ние повеќе нема да ги повикуваме. Одбивањето кажува сè за нивното предавство за пари – мигранти во Македонија ќе има.
Народот ова нема да го дозволи. Борбата за одбрана на Македонија продолжува“, пишува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сончево време со утринска магла и температури над просекот
Денешниот ден носи претежно сончево и стабилно време во целата земја. Утрото на повеќе места почна со појава на магла и зголемена облачност, особено во котлините, но во текот на денот се очекува разведрување. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Утринските температури се ниски и се движат од минус 4 до 3 степени, додека дневните ќе пораснат и ќе достигнат од 10 до 15 степени.
Во Скопје, делови од котлината утрово се зафатени со магла, но во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко, со мала до умерена облачност. Минималната температура се очекува да се спушти до минус 2, а максималната да достигне околу 11 степени.
Стабилното и сончево време ќе продолжи и во текот на следната седмица. И понатаму, во ноќните и утринските часови, по одделни котлини и речни долини ќе се задржува магла, додека дневните температури ќе останат над просекот за овој период од годината.
Македонија
Ахмети од протестот на плоштадот „Скендербег“: Процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се обрати на протестот што се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, организиран во знак на поддршка за поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства.
Ахмети порача дека судскиот процес треба да заврши со ослободителна пресуда, оценувајќи дека обвинетите се соочуваат со обвинувања за дела кои, како што рече, не ги сториле.
Тој нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ, туку дека се борела за слободата на албанскиот народ.
„Време е нашите синови да се вратат дома. Нашите синови се невини, нашата борба е чиста. Војната на ОВК е света и затоа сите ние, големи и мали, мажи и жени, сме ОВК“, рече Ахмети .
Лидерот на ДУИ оцени дека, по Тирана и Приштина, и Скопје го покажало својот став со поддршката за, како што наведе, слобода и правда за поранешните припадници на ОВК.
Меѓу обвинетите во Хаг се поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и поранешниот косовски претседател Јакуп Красниќи.

