Македонија
Спасовски на министерска конференција посветена на борбата против недозволената трговија со оружје
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска присуствуваше на меѓународната министерска конференција посветена на борбата против недозволената трговија со мало и лесно оружје во земјите од Западен Балкан, што во рамки на француско-германската иницијатива за ефикасно справување со овој проблем се одржува во Париз, Република Франција.
„Проблемот со неконтролираното ширење на малото и лесното оружје во последниве години се здоби со важност во меѓународните, регионалните и националните агенди бидејќи дополнителните глобални околности, особено во доменот на масовните миграции и видоизменувањето на терористичките концепти, ги мултиплицираа можните опасни последици од неконтролираната пролиферација на малото и лесно оружје. Неретко сме сведоци дека овој вид незаконски и криминални активности може да претставува и еден од катализаторите кој што дополнително ги трансформира локалните инциденти во многу пошироки регионални и глобални настани“, изјави Спасовски за време на своето обраќање на конференцијата.

Спасовски нагласи дека примарно е заедничкото градење на стандарди за развој на ефективни системи за размена на информации и транспарентност, споделување на најдобри пракси, како и подигање на јавната свест преку спроведување соодветни програми.
Министерот Спасовски говореше за постигнатото во оваа сфера од страна на македонската влада и пред сè од страна на МВР како клучна институција во справување со овој вид криминал, а прецизно ги нотираше и сите натамошни чекори што се неопходни за реализација, особено од аспект на целосната имплементација на „Патоказот за одржливо решение за нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и муниција во Западен Балкан до 2024 година“, донесен на Самитот на ЕУ и Западен Балкан во Лондон во јули годинава, со цел поефикасна и поквалитетна борба против нелегалната трговија со мало и лесно оружје.

„Ние сме одлучни во намерата овие насоки во целост практично да бидат имплементирани во нашето деjствување, како во интерес на националната така и во интерес на глобалната безбедност. Имено, соработката и координацијата се најзначајниот сегмент и предизвик со кој се соочуваат државите во борбата со криминалот, вклучително и со борбата против пролиферацијата на малото и лесно оружје“, нагласи министерот Спасовски.
Спасовски рече дека приоритет на македонското Министерство за внатрешни работи е да почне со изградба на информатички систем кој понатаму ќе биде подготвен да се приклучи кон системите на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

