Македонија
Спасовски на Сараевскиот миграциски дијалог: Соработката со земјите од Западен Балкан и од ЕУ е клуч за успех во регионот
Денеска, во Јахорина, Босна и Херцеговина, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, учествуваше со свое обраќање на третата конференција во рамките на Сараевскиот миграциски дијалог, во рамките на министерската сесија на тема „Унапредување на декларацијата од Скопје за одржливо управување со миграцијата во Западен Балкан“, во организација на Меѓународната организација за миграции (ИОМ).
Истакнувајќи дека трите заложби од декларацијата од Скопје доведоа до усвојување на акцискиот план за одржливо управување со миграцијата во Западен Балкан, Спасовски изјави: „Ефективното управување со границите и спречувањето на шверцувањето мигранти по должината на западнобалканската рута е еден од главните приоритети на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија. Шверцувањето мигранти и изминатата година беше актуелна закана поради притисокот, кој е присутен на границите од илегални преминувања од страна на лица од земјите од Блискиот Исток, Азија и Африка. Поврзаноста помеѓу источномедитеранската рута и Западен Балкан е рута од висок ризик бидејќи Турција и Грција сѐ уште се борат со голем број мигранти на своите територии“, рече Спасовски додавајќи дека со цел зајакнување на соработката со земјите на ЕУ, а особено со земјите од регионот во сузбивањето на организирани криминални групи со меѓународен карактер, Министерството за внатрешни работи учествува во работната група за Западен Балкан во неколку аналитички работни досиеа на Европол, како и во специјална работна група за сузбивање шверцување мигранти на Интерпол.
Дополнително, оваа година националната единица е солидер заедно со Шпанија во оперативна активност за сузбивање шверцување кубански и индиски државјани, а учествува и во оперативните акциски планови на ЕМПАКТ за 2022 и 2023 за шверцување мигранти.
Говорејќи за „работењето кон холистички пристап за управување со враќањето“, Спасовски нагласи дека механизмите за одржливо враќање и реинтеграција на лицата во нивните земји на потекло се важни аспекти на управувањето со миграцијата и во исто време области со сериозни предизвици, особено поради неможноста дел од нелегалните мигранти ефикасно да се вратат во своите земји на потекло.
„Недостигот на договори за реадмисија потпишани со релевантните земји на потекло, како и неможноста да се утврди нивниот идентитет и по официјален пат да се извршат соодветни проверки со надлежните служби во нивните матични земји, останува еден од главните проблеми со кои се соочуваме.
Оттука, се јавува и потребата за идентификација на нелегалните мигранти како прв и најважен чекор во процесот на враќање, кој треба да биде проследен со регистрација за да се има подобар преглед на миграциските движења“, рече Спасовски додавајќи дека Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија прави напори за склучување договори за реадмисија со земјите на потекло, а врз основа на профилите на нелегални мигранти што влегуваат во Северна Македонија во изминатите неколку години, приоритетни земји на потекло во контекст на враќањето за властите во земјата се Бангладеш и Пакистан.
На крајот од своето обраќање Спасовски го истакна фактот дека добрата соработка, редовната комуникација, координацијата и размената на искуства со другите колеги од земјите од Западен Балкан и релевантните партнери од ЕУ и други партнерски организации во однос на враќањата и реинтеграцијата се од непроценлива важност и клучот на успехот за целиот регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

