Македонија
Спасовски: Одделот за специјални полициски операции добива нова униформа
Одделот за специјални полициски операции добива нова униформа, а станува збор за неколку униформи, информира министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Според него, станува збор за шест униформи.
Притоа Единицата за брзо распоредување ќе добие урбана маскирна мултикам шара, комплет составен од комбинезон, зимска јакна со подјакна, џемпер, кошула рипс и аутлас, панталони рипс и ремен, четири маици (со јака и без јака, со долги ракави и тактичка маица со кратки ракави), дводелен комплет за дожд, четири капи (фантом, полар, бејзбол и беретка), навлака за шлем, дводелен поткостум со поткапа, термо и тактички ракавици.
Втората униформа, како што појаснуваат од МВР, е рурална маскирна мултикам шара за Единицата за брзо распоредување и за Единицата за обука и поддршка. Комплетот е составен од: зимска јакна со подјакна, кошула рипс и аутлас, панталони рипс и трислојни со ремен, четири маици (со јака и без јака, со долги ракави и тактичка маица со кратки ракави), блуза со долги ракави, навлака за шлем, шапка, дводелен поткостум со поткапа, ракавици термо и тактички.
Третиот дел од униформата на Единицата за брзо распоредување е комбинезон во темносива боја, изработен од специјален материјал НОМЕКС, кој е тешко запалив и се користи во услови на нарушен ЈРМ во поголем обем и апсење опасни лица во затворени простории.
Меѓу новите униформи е и униформата во темносина боја наменета за Единицата за обука и поддршка, а комплетот е составен од следниве делови: зимска јакна со подјакна, џемпер, кошула рипс и аутлас, pанталони рипс и ремен, три маици (со јака, без јака и тактичка маица со куси ракави), четири капи (шапка, бејзбол, беретка и плетена капа), дводелен поткостум со поткапа, термо и тактички ракавици и дождовна наметка.
И униформа во темносива боја за СВР Скопје – интервентна полиција, при што комплетот е составен од: комбинезон, зимска јакна со подјакна, кратка јакна, џемпер, кошула рипс и аутлас, панталони рипс и трислојни со ремен, четири маици (со јака и без јака, со долги ракави и тактичка маица со куси ракави), блуза со долги ракави, шест капи (шапка, фантом-капа, полар, бејзбол, беретка и плетена капа), навлака за шлем, термо и тактички ракавици, дводелен комплет за дожд и дождовна наметка.
Продолжуваме со осовременување, модернизирање и редовна набавка на униформи и опрема за полициските единици, потенцира министерот Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Можности за интензивирање на парламентарните контакти со Казахстан
Пратеничката група за соработка со парламентите на државите од Централна Азија одржа средба со амбасадорите на Република Казахстан, Киргистанската Република, Република Таџикистан, Република Узбекистан и Туркменистан, акредитирани во Република Северна Македонија.
„Претседателот на Пратеничката група, пратеникот Никола Коњановски, им посака срдечно добредојде на присутните и истакна дека ваквите средби претставуваат значајна можност за размена на ставови за актуелните билатерални односи и за унапредување на парламентарната соработка. Тој нагласи дека Република Северна Македонија му дава особено значење на развојот на политичкиот дијалог, економската соработка и културната размена со земјите од Централна Азија“, соопшти собраниската прес – служба.
Работната средба продолжи со обраќањето на амбасадорот на Казахстан, Буршаков, кој ги презентираше уставните измени и реформите што се спроведуваат во неговата земја, со цел зајакнување на демократските институции, владеењето на правото и унапредување на човековите права и слободи.
Во дискусијата учество зеде и пратеничката Дијана Илиевска, која изрази задоволство што е член на Пратеничката група за соработка и за можноста да учествува на средбата. Таа му посака успех на амбасадорот на Република Казахстан во процесот на уставните измени и реформите во земјата.
Во продолжение на средбата беа разменети мислења за можностите за продлабочување на економските, трговските, образовните и културните врски, како и за интензивирање на парламентарните контакти и размена на искуства меѓу парламентите.
Во дискусијата беше нагласена улогата на Казахстан како важен фактор во Централна Азија и пошироко, особено во промовирањето на дијалогот, стабилноста и мултилатерализмот. Учесниците изразија подготвеност за продлабочување на соработката на мултилатерално ниво.
„Во насока на унапредување на парламентарните односи, беше предложено воспоставување поинтензивна и редовна комуникација меѓу пратеничките групи за пријателство, организирање заеднички активности, работилници и тематски конференции, како и размена на делегации и експертски посети. Соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно зајакнување на билатералните и парламентарните односи и за продлабочување на соработката преку размена на искуства во реформските процеси и евроинтегративниот пат на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението.

