Македонија
Спасовски: Одлуката на Стразбур покажа дека како држава сме презеле вистински чекори
Денешното одбивање на жалбите за поништените аболиции од поранешниот претседател Ѓорге Иванов од Европскиот суд за човекови права во Стразбур покажува дека домашните институции презеле вистински чекори, смета министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Како и Владата, и тој ја поздрави одлуката на судот.
„Сметам дека оваа одлука покажа оти државата навистина презела вистински чекори, дека целосно се почитувани стандардите од Конвенцијата за човекови права. Со одлуката се потврди работењето на институциите во претходниот период. За постапките не би коментирал – да не оставиме впечаток на влијание, продолжуваат во судските институции. Оваа порака од Стразбур е силна порака и мотив сите да работиме за искоренување на криминалот и борба против корупцијата“, рече министерот Спасовски.
Судот за човекови права во Стразбур денес донесе решение, во кое посочува дека апликациите за дадените и поништени аболиции од претседателот Ѓорге Иванов за четирите случаи на Специјалното јавно обвинителство се преуранети.
Во тек се судските процеси за четирите предмети, па од Стразбур сметаат дека тие може да донесат пресуда откога ќе се исцрпат сите правни лекови во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во двор во семејна куќа во Битолско организирани борби со кучиња: поведена постапка против двајца
Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против две лица за кривично дело – Убивање и мачење животни од член 233 став 3 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Осомничените се 44-годишен посредник во организација на борби со кучиња и 43-годишник кој во дворот на семејна куќа во битолското село Црнеец подготвил заграден ринг каде се организирале борбите.
Со постапката за истото кривично дело се опфатени и еден грчки и еден косовски државјанин кои во моментот се во бегство. Сите заедно, на 1 ноември во вечерните часови, заради користољубие, грубо злоупотребувале и изложиле на непотребни маки куче од расата „пит бул”, сопственост на осомничениот грчки државјанин, наведувајќи го да се бори со куче од расата „американски стафорд“, сопственост на осомничениот косовски државјанин.
Во борбата кучето од расата „пит бул” се здобило со повреди – угризи од другото животно. Борбата ја следеле други лица од Косово, Грција и од Македонија, кај кои полициските службеници пронашле парични средства во различни апоени на евра и денари, а двајцата сопственици на кучињата во рингот веднаш по пристигнувањето на полицијата избегале од местото на настанот. Тие се идентификувани и по нив се трага.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за македонските државјани инволвирани во организација на забранетите борби. Сепак, Судот донесе решение со кое им определи мерка куќен притвор. Битолското обвинителство ќе вложи жалба на одлуката.
Македонија
„Влен“: Со еден глас, Албанците го запечатија крајот на ерата на Ахмети!
„Изборите што ги нарекоа „референдум“ завршија како политички суд против оние што го држеа албанскиот народ како заложник 23 години со лаги и измами. Граѓаните јасно проговорија дека времето на манипулаторите е завршено“, велат од „Влен“.
„Двата круга од овие избори докажаа дека Демократската Унија за Интеграција е избришана од политичката карта на Северна Македонија. По две децении манипулација, оваа партија стана мала структура, без поддршка и без политички легитимитет.
Ова не го кажува ВЛЕН, го кажува слободниот глас на Албанците.
Во првиот круг, ВЛЕН убедливо победи во Чаир, Сарај, Арачиново, Желино и Теарце. Во вториот круг, Албанците ја запечатија промената во Боговиње, Дебар, Струга, Долнени и Тетово. Овие победи не се случајности, тие се отворено отфрлање на старата политика и потврда на вербата во новата политика.
Албанците точно знаат кој работи, а кој измамува, кој дели, а кој обединува.
Ова јасно гласање е крај на една ера и почеток на нова визија за албанската политика.
ВЛЕН го чита овој резултат како почеток на политика на одговорност, мерена со работа, понизност и почит кон граѓанинот. Нема да зборуваме за губитниците бидејќи Албанците веќе проговорија“, соопштија од „Влен“.
Македонија
Делови од пет скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од село Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
· од 08:30 до 12:30 часот, корисниците од дел од ул. Димче Милошевски. (Општина Гази Баба)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од ул. 1 во с. Сопиште. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од ул. Димитар Мирсачев. (Општина Кисела Вода)
· од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од објектите во околината на ул. Леринска бр. 3. (Општина Карпош)

