Македонија
Спасовски од Берлинскиот процес во Тирана: Целосно сме посветени кон европеизација и приближување до европските системи
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше на Конференција на министри за внатрешни работи во рамки на Берлинскиот процес која во периодот од 13 до 15 септември се одржува во Тирана, Република Албанија, а на која учествуваат министри за внатрешни работи од регионот и земјите партнери на Берлинскиот процес.
Спасовски истакна дека соработката започна под закрила на Берлинскиот процес, продолжува како Берлин плус, со надеж да се постигне оперативна соработка како „Берлин на квадрат“, удвојувајќи ја ефективноста и ефикасноста на работата и соработката.
Во однос на темата “Регионална соработка во борбата против организиран криминал”, Спасовски потсети на Заедничката декларација за начелата на соработка во областа на размена на информации за спроведување на законот, изработена од Управната група за преземени обврски од областа на безбедност во рамки на Берлинскиот процес. „Исполнувајќи една од задачите утврдени во рамки на споменатата Управна група за реализирање на Мапирачка вежба за идентификување на добри практики и евентуални недостатоци, Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија во 2021 година реализираше симулациска вежба за размена на информации во реално време за заштита на критична инфраструктура во Западен Балкан, со учество на полициски службеници и обвинители од земјите од регионот. Министерстото за внатрешни работи на Република Италија, односно проектот ИПА 2019 „Сузбивање на сериозен криминал во Западен Балкан“, изготви извештај од вежбата, утврдувајќи добри практики и препораки за подобрување на меѓународната полициска соработка во размената на информации. Денес, од оваа перспектива и повторно под закрила на Берлинскиот процес би сакал да предложам спроведување на уште една ваква симулациска вежба, но не само помеѓу земјите од Западен Балкан, туку и со вклучување и на земјите од ЕУ – партнери во овој процес”, истакна Спасовски.
Во однос на темата “Интегрирано гранично управување на Западен Балкан”, Спасовски истакна дека земјите од Западен Балкан покажаа силна посветеност во реформите и решителност за нивно спроведување. „Прашањето околу миграциските политики, особено после настаните од 2015 година што директно ги почувствувавме сите ние не само во регионот, туку и во цела Европа, несомнено и во годините пред нас, ќе биде една од приоритетните теми на општествено-политичките агенди. Евидентен е фактот дека илегалната миграција единствено може да се превенира, а миграцијата да се менаџира само доколку постои силно партнерство и соработка на сите европски држави што, пак, претпоставува високо ниво на координација, солидарност и стандардизираност. Како дел од Западен Балкан, Република Северна Македонија го поздравува донесувањето на Акцискиот план за Западен Балкан, во кој ЕУ ја повтори својата посветеност на поддршка на земјите од регионот. Во повеќе наврати, ние како земји од Западен Балкан, покажавме силна посветеност во реформите и решителност за нивно спроведување”, истакна тој.
На темата “Партнерство за сајбер безбедност на Западен Балкан”, Спасовски истакна дека еден од клучните фактори за успешна заштита на критичната инфраструктура на државите од сајбер нападите е силната меѓународна соработка помеѓу земјите и агенциите за спроведување на законот. „Како последна, но не помалку важна тема на која ѝ даваме приоритет е соработката во областа на сајбер безбедноста, имајќи предвид дека сајбер нападите на институциите и организациите се случуваат во секој момент. Државите и агенциите за спроведување на законот се во постојана борба за спречување на ваквите напади и заштита на критичната инфраструктура, нешто што бара издвојување на големи материјални средства и професионален кадар за успешно справување со овој тип на закани. Брзата размена на информации и споделување на искуства често знае да биде клучниот фактор за заштита на системите од напади, кои можат сериозно да го парализираат функционирањето на системот, но и за преземање превентивни дејствија за нивно спречување. Воспоставувањето на мрежа експерти ќе претставува обединет фронт со основна задача брза размена на информации, засилено вмрежување и подобрување на соработката помеѓу единиците за сајбер криминал на земјите од регионот и пошироко. Единствено што дополнително треба да се има превид е да избегнеме отворање нови платформи, туку да ги искористиме веќе постоечките, со што ќе ги зачуваме сопствените ресурси и ќе ја задржиме ефективноста”, рече Спасовски.
Истакнувајќи го значењето на Берлински процес како платформа која е единствена по својот формат и која на највисоко политичко ниво се фокусира на земјите од Западен Балкан кои сè уште не се дел од Европската унија, министерот Спасовски рече дека Берлинската иницијатива е потребниот поттик во подготвувањето на земјите за идно членство во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Дафина Стојановска итно да си поднесе оставка – пратеничката функција е сосема спротивно од ова што таа го демонстрира“, велат од Левица
Левица бара итна оставка од пратеничката од редовите на ДПМНЕ, Дафина Стојаноска од гостиварско, „која очигледно и веќе во неколку наврати не ја разбира функцијата која ја обавува и мандатот кој и е доверен од граѓаните“.
„Објавувањето снимка во која се појавуваат малолетните деца на претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија претставува особено тежок морален и институционален пад за носител на јавна функција. Кога пратеник свесно користи материјал произлезен од следење на синдикален претставник и тоа го пласира во јавноста како средство за дискредитација, станува збор за злоупотреба на мандатот и грубо деградирање на парламентарната функција“, велат од Левица.
„Пратеник е носител на народен суверенитет, лице на кое граѓаните му ја доверуваат законодавната моќ со обврска да постапува разумно, одговорно и во јавен интерес. Мандатот не е привилегија за демонстрација на сила, туку обврска за заштита на достоинството на граѓаните и на демократскиот поредок. Кога некој ја користи функцијата за таргетирање поединци, за вовлекување семејства и деца во политички пресметки и поттикнување атмосфера на заплашување, тој престанува да ја остварува суштината на пратеничката улога и ја сведува функцијата во параван за партиска агресија.
Наместо извинување и повлекување, денес гледаме дополнителна вмровска дрскост! Ем шуто, ем боде. По извршениот чин, се обидуваат да ја релативизираат одговорноста и да глумат жртви, навредувајќи ја интелигенцијата на народот.
Дафина Стојаноска, пратеничка која години наназад е симбол на политичка привилегираност, која цел круг на фамилија го има вдомено во државните институции, со шест стана, меѓу кои и четири во Скопје, а сепак со енормни патни трошоци кои ги наплатува од државната каса – денес си дозволува да таргетира синдикалист кој бара повисоки плати за работниците! Токму тој јаз меѓу комфорот на отуѓената вмровска елита и секојдневната борба на граѓаните ја разголува суштината на проблемот – привилегирана класа која паразитира од јавни средства, а се пресметува со оние што бараат достоинствен живот.
Токму затоа, нејзината одлука да таргетира синдикален лидер кој се бори за повисоки работнички плати ја прави уште понедостојна за функцијата. Таа не ги брани интересите на граѓаните, туку активно учествува во кампања против нивното организирање.
Нема никакво оправдување за објавените снимки од малолетни деца во нејзината налудничава пресметка. Нема никакво оправдување за користење илегално снимени материјали кои очигледно произлегуваат од организирано демнење и следење. Нема никакво оправдување за вакво однесување од носител на јавна функција, кое ги помина сите граници на пристојноста и е чисто кривично дело!
Пратеник кој свесно ги преминува границите на приватност, пристојност и интима – очигледно не си ја разбира обврската како народен претставник, па не ни заслужува да седи во законодавниот дом. Пратеничката функција треба да е сосема спротивно од ова што го демонстрира Дафина Стојаноска!
Оставката на Дафина Стојаноска е чин што барем минимално би го ублажил овој скандал и срам за Собранието“, се вели во соопштението на Левица.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
По информациите за енормно загадување на водата за пиење во Струга, обвинителството оформи предмет
Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје.
Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки, соопшти обвинителството.

