Македонија
Спасовски од Спомен костурница во Куманово: Одовде најдобро се испраќаат пораките
Носителот на листа во ИЕ 2, Оливер Спасовски, од Спомен костурница во Куманово најави поддршка од Куманово и од граѓаните на ИЕ 2 на опцијата „Можеме“, како сигурна понуда за иднината на граѓаните и државата.
„Овде лежат и историјата и иднината. Овде лежи идејата за прогресивна самостојна независна држава, Македонија за сите граѓани, каква што е и ИЕ 2. Оваа изборна единица е и Македонија во мало и овде најдобро се испраќаат пораките, што значи градење Едно општество за сите на кое што работиме. И одовде велиме дека победата на 15 јули ќе биде уште една победа на Република Северна Македонија“ рече Спасовски.
Тој кажа дека граѓаните на Куманово и на ИЕ 2 ги препознаат прогресивните идеи.
„Ги остваривме националните визии, ја запишавме државата на светската карта, имаме силни гаранции за територијалниот интегритет, никој веќе не прашува кои сме. Сега останува со важни мудри и државнички одлуки да ги развиеме економијата и перспективите на младите“ рече Спасовски.
Носителот на листа, Спасовски, посочи дека граѓаните на Куманово и на ИЕ 2 го почитуваат, како што кажа, успешното справување со здравствената и економската криза, наместо водењето популистички потези што немаше да го штитат здравјето на граѓаните, што е карактеристично за опозицијата.
„Куманово препознава што нудат Мицкоски и опозицијата. Ги гледаме истите луѓе од минатото – Груевски обновен во Мицкоски. И исто е, дали е Груевски, Мицкоски, Мисајловски, Николоски, Милошоски… Наспроти сигурноста на „Можеме“ е опасноста од враќање на режимот, со мрачни сценарија, нарачани пресуди, Ало судија од тевтерчето на Горде. Кумановчани знаат што значи напад на фирми и притисоци врз бизнисите. Сите од Старо Нагоричане, преку Гази Баба, Бутел, Шуто Оризари. со Куманово, едногласни се граѓаните дека ја сакаат јасната перспектива и сигурноста наспроти опасноста“, рече Спасовски.
Носителот на листа, Спасовски, зборуваше за економските мерки што беа преземени изминатите три години, како што се покачувањето на минималната плата од 8.000 на 14.500 денари, политиките на мотивирани работници и компании, помошта за ранливите категории граѓани и рече дека тие се основата за идната програма на развој на економијата.
„600 милиони евра поддршка на претпријатијата ќе има. Отворањето на ЕУ перспективите отвораат и европски фондови во вредност од 2.5 милијарди евра. Ја зголемуваме минималната плата за 40 проценти, за 30 проценти просечната плата, утврдуваме минимална пензија, ќе вложуваме во младите луѓе преку Младинскиот додаток, Младинската гаранција и нововработените млади луѓе ќе имаат поврат на персоналниот данок на сметка на младите“, рече Спасовски.
Во врска со вложувањата во Куманово тој посочи дека се реконструирани сите регионални патишта и во следниот мандат реконструкција на култниот спортски центар Соколана и историскиот комплекс Спомен костурница каде што беше одржана вечерашната трибина со граѓаните.
Носителот на листа, Спасовски, нагласи и дека за сигурноста на секоја држава е важно да има и ред, дисциплина и правда.
„Направивме основи да се промени системот во делот на правдата. Го направивме невозможното, го донесовме Законот за јавното обвинителство на што се спротивставуваше Мицкоски и сега гледаме зошто се случувало тоа. Прашувам , уште колку обвинети ќе се појават како спонзори на ВМРО-ДПМНЕ и ќе дојдат информации дека преку тие криминални пари ја финансирале нивната партија. Мора да застанеме на патот на криминалот и корупцијата и мора да има правда за сите. Се обврзуваме на детална проверка за имотната состојба на сите судии и обвинители, ќе има темелна ревизија на 5 проценти од сите судски пресуди во последните 5 години, по случаен избор, судиите кои застаруваат предмети, ќе бидат разрешени по автоматизам“, најави Спасовски.
Тој повика на разговор на секој со секого за важноста на претстојните избори.
„Да кажеме колку е важно да се излезе и да се одлучува на овие избори, помасовно да се излезе, тие ќе бидат безбедни, како што се оди во банка или во продавница, за да добиеме ефикасни институции на системот. Да ја поддржиме коалицијата „Можеме“ и она што го правевме, имаме знаење, визија, храброст и можеме да продолжиме уште повеќе и уште подобро“ повика вечерва носителот на листа на ИЕ 2, Оливер Спасовски, вечерва од Куманово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Пораките на Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници
Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници, светот веќе не функционира по старите правила. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани, објави премиерот Христијан Мицкоски, од Минхен.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.
Македонија
Убиство во Челопек, 78-годишна жена задушена со перница
Полицијата уапси дваесет и петгодишен жител на село Малотино од општина Старо Нагоричане, осомничен за убиство на седумдесет и осумгодишна жителка на село Челопек, соопшти денеска СВР Куманово. Како што наведуваат од кумановската полиција, на 12-ти февруари, осомничениот влегол во нејзиниот дом, физички ја нападнал и со перница ја задушил жената.
-Вчера во 19:30 часот во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане, полициски службеници од Полициското одделение Старо Нагоричане го лишиле од слобода Т.Б.(25) од с. Малотино, општина Старо Нагоричане, поради сомнение дека сторил кривично дело по член 123 од Кривичниот законик. Тој се сомничат дека на 12-ти февруари во нејзиниот дом физички ја нападнал и задушил со перница М.С.(78) од село Челопек, општина Старо Нагоричане, по што таа починала на местото, соопшти полицијата.
Тој се сомничи дека извршил повеќе кривични дела „тешка кражба“ во повеќе села на подрачјето на општина Старо Нагоричане. Известен е јавен обвинител, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
СДСМ: Две недели без одговор како 5 тони дрога поминале преку граница, бараме одговорност од Мицкоски
СДСМ обвинува дека и по 14 дена нема одговор од институциите за, како што велат, „најголемиот нарко-скандал во регионот“, поврзан со транспорт на пет тони дрога преку државната граница.
Од партијата посочуваат дека молчат премиерот Христијан Мицкоски, како и повеќе функционери, оценувајќи дека тоа отвора сомнежи за одговорност на власта.
„Овој гласен молк е најсилна потврда дека скандалот води до врвот на Владата“, се наведува во соопштението.
СДСМ реагира и на изјавите дека биле запленети 100 тони марихуана, оценувајќи дека доколку постоело толкаво производство, тоа претставува сериозен пропуст на институциите.
Според нив, за такво количество би била потребна површина од над 30 хектари, поради што прашуваат дали биле извршени контроли од надлежните служби, вклучително и полицијата, инспекторатите и безбедносните агенции.
Партијата дополнително прашува како пет тони дрога биле транспортирани со товарни возила покрај системите за надзор, камерите и граничните контроли.

