Македонија
Спасовски: Над 280 студенти од Факултетот за безбедност ја продолжиле својата кариера како дел од структурите на МВР
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во рамките на новата иницијатива за отворени денови и отвореност на МВР кон граѓаните, денеска оствари средба со деканот проф. д-р Никола Дујовски, со професори и со најдобрите студенти од Факултетот за безбедност во Скопје.
На средбата уште еднаш беше констатирана одличната соработка помеѓу овие две институции, која од 2017 година постојано се унапредува и од страна на министерот Спасовски беше презентиран план за креирање правна рамка за заедничка соработка во насока на обврска Министерството за внатрешни работи секоја година да вработи одредена бројка од најдобрите студенти од Факултетот за безбедност.
„Во насока на постојано унапредување на транспарентноста на Министерството и полицијата, почнуваме циклус на отворени денови во МВР, каде што за студентите, учениците и за граѓаните ќе ги отвориме вратите на Министерството со цел запознавање на граѓаните со процесите, каде што се креира и реализира безбедноста на граѓаните и државата. Некои од граѓаните МВР го доживуваат како затворена институција, а преку ваквите иницијативи и пракси ќе ги унапредуваме и негуваме довербата на граѓаните и транспарентноста на Министерството, која е унапредена на значително високо ниво“, потенцира министерот Спасовски.
На средбата пред присутните студенти Спасовски ја презентира идејата за креирање правна рамна за соработка помеѓу Министерството и Факултетот за безбедност, со која МВР ќе преземе обврска секоја година да бидат вработени одредена бројка од најдобрите дипломирани студенти, со цел зголемување на капацитетот на Министерството за внатрешни работи.
„МВР е институцијата што се грижи за безбедноста на сите граѓани, се бори со сите видови криминал и го чува општеството безбедно и за тоа ни се потребни најдобрите луѓе со висок интегритет, впрочем какви што креира Факултетот за безбедност, нашата најстара и најреномирана високообразовна институција од областа на безбедносните науки. За да продолжиме да градиме силна институцијата, најважни се луѓето во неа, а Факултетот за безбедност креира најквалитетни кадри од областа на безбедноста. Со оваа иницијатива ја продолжуваме одличната соработка на сите нивоа помеѓу Министерството и Факултетот, која ја засиливме од 2017 година и ја унапредуваме постојано“, потенцира Спасовски.
Деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски, како дел од иницијативата силно ги поздрави нејзината реализација и посветеноста на Министерството и на министерот Спасовски кон постојано надградување на капацитетите на Министерството, во овој случај и со обврска за преземање правна рамка за инкорпорирање во своите редови на најдобрите студенти од Факултетот.
„МВР и Факултетот за безбедност веќе неколку години се пример како треба да изгледа соработката меѓу институциите. Ние како факултет и академска средина веќе неколку години заеднички и интензивно учествуваме во креирање на политиките на Министерството со цел пренесување на академското знаење врз практичната реализација на безбедноста на нашата државата. Од 2017 наваму над 280 дипломирани студенти ја продолжиле својата кариера како дел од структурите на Министерството за внатрешни работи, останува бројка од речиси 150 студенти, кои ќе имаат можност своите академски знаења да ги реализираат во рамките на Министерството. Правната рамка за ваквата соработка ќе значи огромна мотивација за најдобрите студенти да ја реализираат својата кариера во Министерството за внатрешни работи притоа ставајќи се во службата на државата во поефикасна борба со криминалот и градејќи побезбедно општество за сите“, истакна деканот Дујовски.
Студентите од Факултетот за безбедност преку своите дискусии изразија посебна благодарност кон МВР потенцирајќи дека со тоа силно се зголемува нивната мотивација да ги унапредуваат и зголемуваат своите знаења со цел нивна практична реализација на професијата што ја избрале.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма
Иновативната формулација на „Алкалоид“ АД за лекот со додадена вредност „Омепразол“ во течна форма, готов за употреба, прва од ваков тип во светски рамки, е прогласена за „Патент на годината за 2023“ од Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на пригодното одбележување на Светскиот ден на интелектуалната сопственост – 26 април.
Меѓународната патентна пријава на „Алкалоид“ за „Oмепразол“ во течна форма беше поднесена на 17 април 2020 година, со опфат на голем број региони и земји, меѓу кои земјите од Европската Унија, САД, Канада, Кина, земјите од Евроазиската економска унија и други. Патентната пријава при Европскиот завод за патенти, чии ингеренции опфаќаат патентни активности во 39 земји во Европа, беше одобрена на 3 август минатата година и валидирана во триесетина земји, меѓу кои и Македонија.
Патентот на „Алкалоид“ АД ја заштитува течната фармацевтска дозна форма на „Омепразол“, која се базира на два посебни раствори содржани во двокоморско пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен омперазол за употреба. Овој препарат е наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациети со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).
Државниот завод за индустриска сопственост е основан на 1 декември 1993 година како самостоен орган на државната управа и е надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и со заштитата на правата од индустриска сопственост кои опфаќаат патенти, индустриски дизајни, трговски марки и ознаки за потеклото на производите. Оваа институција триесетта година по ред традиционално организира активности во насока на афирмација на улогата на индустриската сопственост во поттикнувањето иновации и креативни творби.
ПР
Македонија
Први и шести мај неработни за сите граѓани на Македонија, трети мај за граѓаните од православна вероисповед
Министерството за труд и социјална политика, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07) соопштува дека:
1 мај 2024 година (среда), Денот на трудот е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
03 мај 2024 година (петок), Велики Петок, петок пред Велигден, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Северна Македонија.
06 мај 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар, е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на граѓаните им ги честита престојните празници.
Македонија
(Видео) Сајкоски: Да донесеме уште поголема победа на 8 мај за просперитетна влада на ВМРО-ДПМНЕ
„Денес продолжуваме со активностите тука во Охрид, вчера поминавме прекрасни митинзи со огромна поддршка од граѓаните. Останаа уште неколку денови“, рече Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5 и ги повика сите да се приклучат и да донесат уште поголема победа во вториот круг.
„Сакам да ја изразам мојата благодарност и горд сум на тоа што го направивме во првиот круг, што ја дадовте вашата огромна поддршка за нашиот кандидат за претседател Гордана Силјановска Давкова.
Сакам да ве повикам и во вториот круг референдумски да излеземе за да можеме да ја реализираме Платформа 1198, за да може да реализираме многу проекти за регионов и нашава држава, да донесеме подобар економски развој и раст, да донесеме подобро образование и здравство, да донесеме подобар живот за сите. Затоа на 8 мај излезете сите да се активираме да кажеме НЕ за ова што се случуваше досега и да дадеме шанса за просперитетна влада која ќе ја носи Македонија напред“, изјави Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5.