Македонија
Спасовски: Оставката ќе доведе до триумф на криминалците
Ниту министерот Оливер Спасовски не чувствува одговорност за бегството на Сашо Мијалков. Тој вели дека МВР има направено сè што било во законските надлежности. По Русковска, тој е втор што убедува дека е преземено сè што можело да се направи.
Според Спасовски, треба да се направи истрага во истражните органи и да се констатира евентуален пропуст.
„Јас мислам дека одговорност треба да се понесе дека имате одговорност дека сте презеле погрешно или не сте презеле воопшто. Ние треба сега сите сили да ги насочиме кон пронаоѓање на бегалецот. Оставката ќе доведе до триумф на криминалците. Сметам дека треба да има детаљна истрага на целиот случај. Не морална, туку кривична одговорност треба да има, дали во МВР, Обвинителството, судот. Ние како МВР не сме имале мерка со која тој ќе биде следен, чуван. Во однос на овој предмет има една мерка, а тоа е одземање патна исправа и јавување во суд еднаш месечно. Прашањето е дали во завршните зборови можело да се бара притвор бидејќи поседува средства надвор од државата? Во секој момент кога полицијата имала наредба да постапува, постапувала и во овој дел“, рече Спасовски.
За одговорноста во правосудните органи, Спасовски вели дека треба да се утврди дополнително.
„Секако дека сите луѓе што се поставени по линија на хиерархија беа ангажирани и презедоа дејства што значеа сè што е дозволено со законот да се преземе. Не го амнестирам МВР ако имало каков било пропуст. Јас не гледам такво нешто. Дали има одговорност во правосудните органи треба да се види. Дали постојат двојни аршини – да, постојат. Крајот на ноември бараа притвор за обвинети во ‘Монструм’ поради можност да избегаат, сега во завршните зборови – не се бараше. Моите информации говорат дека двајцата обвинители побарале дозвола за притвор за овој осомничен, меѓутоа тоа се информации што само јас ги имам. Дали е така не знам. Претпоставувам дека се консултирале со своите непосредни претпоставени“, додаде Спасовски.
Тој посочи дека нема да дозволи да биде жртва на Сашо Мијалков.
„Одговорноста треба да се утврди и да се носи таму каде што е вистинското место. Жртва да бидам на еден криминалец, кој знаеме со какви активности се служеше претходно, нема да се случи. Мора да се избориме со таквите криминалци. Одговорноста треба да се утврди и да се бара таму каде е вистинското место“, додаде Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

