Македонија
Спасовски: Постигнати се добри резултати во санкционирање на насилството врз жени, но има уште работа во неговото превенирање
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по повод 16 дена активизам против родово базирано насилство, денеска се обрати на трибината „Мултисекторски пристап за ефикасна заштита на жени и девојчиња изложени на насилство“, во организација на Македонскиот полициски синдикат и невладината организација ЕХО, што се одржа во салата на Општина Прилеп.
Министерот Спасовски на почетокот констатира дека изминативе години на глобално и на национално рамниште беа промовирани низа идеи, концепти, нормативни решенија во доменот на заштитата на жената, на спречувањето на семејното насилство, вклучително и на превенцијата од најтешките форми на криминалитет, како што се сексуалното насилство и експлоатација, и дека за сето она што до пред две децении се зборуваше релативно малку, денес е во фокусот на јавниот и институционален интерес како приоритетен проблем.
„Семејното насилство, опсервирано од кривично-правен аспект, при што загрозувањето на правата на жената е најевидентно, и чии последици за жртвите се стравични и по потенцијал и по објективна штета – физичка, ментална, па дури и елементарно биолошка, всушност, претставува содржина од крајно комплексни соодноси. Тие не се само индивидуални, туку допираат и низа колективни, системски, законски, социјални, културолошки и други релации. Притоа, законската репресија не може да биде основно и финално решение на проблемот, туку само алка, делче од еден поголем мозаик од механизми, чија улога е детектирање и решавање на генезата, а паралелно на тоа и ресоцијализација на жртвите и санација на направените штети“, потенцира министерот Спасовски.
Министерот Спасовски истакна дека преку призмата на полициската практика се постигнати добри резултати во демистифицирањето на проблемот и во санкционирање на овие кривични дела, но и дека има уште многу да се работи во неговото превенирање и решавање.
„Ако се повикаме на полициските статистики, јасно е дека проблемот е сè уште актуелен: само во периодот од јануари до крајот на септември годинава на ниво на државата евидентирани се 809 кривични дела од областа на семејното насилство, за кои кривично пријавени се 836 лица, а од евидентираните 863 жртви – 669 се жени, односно најмногу сопруги, вонбрачни сопруги, мајки, ќерки. На овие показатели за истиот период треба да се додадат и 290 констатирани и санкционирани прекршоци и 3.131 поплака против членови на семејството, каде што 68 отсто од жртвите за психичко, физичко или економско малтретирање се жени“, ги презентира официјалните полициски статистики министерот Спасовски.
Спасовски лоцира дека во изминатите години, тргнувајќи од низата нови меѓународни и домашни законски промени, Министерството за внатрешни работи организационо, професионално и стручно се приспособи кон новите трендови и стандарди во третманот на насилството врз жената поставувајќи стандардни оперативни процедури, кои опфаќаат широк спектар на активности.
„Тука не станува збор само за идентификување и управување со ризиците, туку дополнително и за обезбедувањето на безбедноста на жртвата во сите фази на полициското постапување. Од планирањето и спроведувањето на мерките и активностите во планот за безбедност, па сè до упатување на жените жртви на насилство и семејно насилство кон достапните услуги за помош и поддршка, и секако – документирање, собирање сите докази за конкретен случај и релевантни информации во врска со сторителот до целосно расчистување на кривичното дело“, рече во своето обраќање министерот Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕСМ го одбележува 60-годишниот јубилеј на хидроелектраната „Глобочица“ – шест децении енергија, традиција и напредок
АД ЕСМ и подружницата ХЕС „Црн Дрим“ денеска свечено го одбележаа големиот јубилеј – 60 години од пуштањето во употреба на хидроелектраната „Глобочица“, капитален проект од непроценливо значење за македонскиот електроенергетски систем.
Хидроелектраната „Глобочица“, дел од хидросистемот „Црн Дрим“, е пуштена во работа на 4 ноември 1965 година. Со инсталирана моќност од 42,5 MW, таа во изминативе шест децении произведе повеќе од 10.367 GWh електрична енергија, Средното годишно производство изнесува 175 GWh, а максималното е забележано во 2010 година – 292 GWh.
Во рамките на развојните програми на компанијата, „Глобочица“ претрпе повеќе ревитализации, со што нејзината првична инсталирана моќност е зголемена за дополнителни 9 MW. Денес, електраната претставува пример за успешно спојување на инженерската визија и одржливиот развој, обезбедувајќи чиста, обновлива енергија и намалување на јаглеродниот отпечаток.

Во рамките на Свечената академија, генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев најави капитален проект кој ги опфаќа хидроелектраните Глобочица и Шпилје.
„До крајот на годинава очекуваме почеток со реализација на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните“ – Фаза 3, од кои една од главните придобивки ќе биде зголемување на вкупното производство од хидроенергија за 50 GWh, годишно. Од реализацијата на овој проект, најголема придобивка ќе имаат токму ХЕ „Глобочица“ и ХЕ „Шпилје“. Со овој зафат, гарантираме продолжување на нивниот животен век за најмалку уште три децении“ нагласи Узунчев.
Директорот на Подружницата ХЕС „Црн Дрим“, Гоце Божиновски, во своето обраќање пред присутните нагласи:
„Денес славиме 60 години од првите киловат-часови произведени во ХЕ „Глобочица“ – електрана која не е само инженерско чудо, туку и симбол на визија, истрајност и иновативен дух. „Глобочица“ е животна лекција дека човечката визија и природата можат хармонично да соработуваат. Оваа електрана останува трајно сведоштво за силата на знаењето, посветеноста и трудот на генерациите што ја создадоа и ја одржуваат.“, рече Божиновски.
АД ЕСМ и ХЕС „Црн Дрим“ изразуваат искрена благодарност до сите поранешни и сегашни вработени, инженери и техничари кои во изминатите шест децении го вложиле своето знаење и труд во развојот и одржувањето на хидроелектраната „Глобочица“.
Компанијата останува целосно посветена на својата зелена агенда – модернизација и изградба на нови обновливи извори на енергија, кои ќе обезбедат стабилна и одржлива енергетска иднина за Македонија.
Македонија
Беким Сали ќе го наследи Изет Меџити како прв вицепремиер
Портпаролот на коалицијата ВРЕДИ, Дритон Сулејмани, денеска потврди дека Беким Сали ќе биде новиот прв вицепремиер, на местото на Изет Меџити кој стана градоначалник на Општина Чаир.
За нов министер за животна средина и просторно планирање, на местото на Меџити, сè уште се одлучува.
Беким Сали претходно беше министер за здравство од 2022 до 2023 година.
Сулејмани истакна дека ВРЕДИ ќе продолжи да функционира како единствен политички субјект, без поделби по партии, како и досега.
Во осврт на изборните резултати, тој оцени дека локалните избори ја потврдиле новата политичка реалност во земјата и дека ВРЕДИ станува втора политичка сила на државно ниво, со доминација во албанскиот политички блок.
Како примери на успех, Сулејмани ги посочи победите на Билал Касами во Тетово, Фети Абази во Боговиње и Даут Мемиши во Теарце, а резултатот во Чаир го нарече јасна порака од граѓаните против старите политики.
Македонија
Утре променливо облачно време, од четврток до понеделник дожд, најавува УХМР
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 8, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во среда и четврток во утринските часови има услови за појава на магла. Под влијание на влажна воздушна маса, од четврток од вечерните часови па се до понеделник, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни.

