Македонија
Спасовски: Превенцијата на детско престапништво и зголемување на отпорноста на младите од сите видови криминал е приоритет
Денеска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, учествуваше со свое видеообраќање на регионалниот настан „Зајакнување на отпорноста на организиран криминал и корупција помеѓу младите во Југоисточна Европа“ во рамките на претседавањето на Република Северна Македонија со Организацијата за безбедност и соработка во Европа, а во заедничка организација на Одделот за транснационални закани на ОБСЕ и глобалната иницијатива за борба против транснационалниот организиран криминал.
„Токму овие две области се клучни полиња во кои Европската Унија, односно Европската комисија со години упатува забелешки и дава препораки за натамошно подобрување. Притоа организираниот криминал и корупцијата се и области во чија борба и превенција Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија вложува материјално-технички, но и човечки ресурси за надградба на своите капацитети. Воедно, несебично сме вклучени во меѓународната соработка воспоставена на експертско и оперативно ниво, со цел етаблирање и поттикнување култура на заедничко и посветено дејствување во борбата против овие феномени“, истакна Спасовски.
Говорејќи за превенцијата на детското престапништво и зголемувањето на отпорноста на младите од сите видови криминал во Република Северна Македонија како прашање од стратешки приоритет за добросостојба на децата, семејствата и општеството во целина, министерот Спасовски рече:
„Во декември 2019 година Министерството за труд и социјална политика ги донесе националната стратегија и акцискиот план за превенција и заштита на децата од насилство за периодот 2020 до 2025 година, во кои претставници од Министерството за внатрешни работи, заедно со други релевантни институции и меѓународни партнери, имаа активно учество како во изготвувањето така и во нивното спроведување. Законските услови за превентивно дејствување се поставени, пред сѐ, во Законот за правда на децата, во кој едно од најзначајните начела е токму превенцијата. Врз основа на овој закон уште во 2009 година е воспоставен и Државниот совет за превенција на детско престапништво, во кој членуваат професионалци, стручни и научни работници, претставници од државните и јавните установи, приватниот сектор и граѓанските здруженија со цел организиран пристап во превенцијата на детско престапништво. Со донесување на Законот за правда за децата Република Северна Македонија направи голем исчекор во делот на заштитата на правата и интересите на децата, а со новиот концепт на законот се постигна усогласување со меѓународните стандарди за правда за децата и се создаде еден сеопфатен концепт насочен во полза на децата кои дошле во контакт со правниот систем, а во нивен најдобар интерес“, нагласи Спасовски.
Истакна дека 2023 година е успешна година за Министерството за внатрешни работи на планот на оперативната меѓународна соработка, а сè попризнати се и успесите во остварувањето на својата репресивна функција.
„Убеден сум дека со одржување вакви настани и со зајакнување на меѓусебната доверба и дијалог ќе можеме многу бргу да кажеме дека превенцијата на криминалот и криминалните феномени во Република Северна Македонија добиваат на интензитет, а резултатите бележат континуиран растечки тренд“, рече министерот Спасовски посакувајќи успешна работа на регионалниот настан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поплави во повеќе региони во земјава – евакуирани 220 лица во Кичево, критично во Форино, поплавени куќи, ниви, подруми
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека поради обилните врнежи од дожд се регистрирани поплави во повеќе региони во земјата, при што најкритична состојба има во Полошкиот регион и во Кичево.
Во Полошкиот регион, во Гостивар, екипи на противпожарната служба интервенирале во текот на целата ноќ. Најпогодено е селото Форино. Поплавени се и земјоделски површини во селата Чајле, Турчане, Врапчиште и Беловиште.
Во Југозападниот регион, во Кичево, на улицата „Прилепска“ е регистрирано најголемо поплавување на куќи, а евакуирани се 220 лица кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. На улицата „29 Ноември“ во населбата Подварош, поплавени се подруми во повеќе куќи. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево. Организирана е достава на храна и вода за загрозените лица со поддршка на Црвениот крст, а на терен работат екипи од полицијата, комуналното претпријатие и противпожарната служба.
Во Североисточниот регион, во Општина Липково, во дел од селото Опае поплавени се земјоделски површини поради излевање на Слупчанска Река, при што засега нема пријавени материјални штети. Поплавени земјоделски површини има и во селото Оризаре. Во Куманово, во селото Доброшане, на локацијата Шупли Камен кај мостот на Кумановска Река има насобрани пластични шишиња, но засега нема опасност од излевање на реката.
Во Скопскиот регион, во Општина Сарај состојбата утрово се следи и е мирна, додека во Општина Зелениково има минимално излевање на реката Вардар кај селата Пакошево и Ново Село, без непосредна опасност.
Во Југоисточниот регион, во Струмица, засега нема пријавени штети од врнежите од дожд. Пријавен е одрон кај селото Суви Лаки кон Берово и за истиот се известени надлежните служби.
Во Источниот регион, во Пробиштип, регистриран е прекин во снабдувањето со електрична енергија во селата Долни и Горни Стубол, а екипи на ЕВН работат на отстранување на дефектот.
Македонија
„Власта дели тендери како колачи – 74 тендери само за една фирма за две години“, велат од СДСМ
„Додека владата на Мицкоски нема пари за минимална плата од 600 евра, додека кратат 40 милиони евра субвенции за земјоделците, има за нов авион, лукзус, мебел, возила, и згора на се, дели тендери како колачи. Кога се носат часовници од 65 илјади евра, нема време за работниците и граѓаните има само за приватен бизнис“, велат од СДСМ.
„Едни исти фирми, блиски до власта, добиваат огромен број тендери, со милионски милонски суми за краток период. 74 тендери во вредност од 17,6 милиони евра за само две години добила фирмата „Ленди Груп“ ДООЕЛ Скопје.
Наглиот раст на договорите започнува во 2024 година и продолжува во 2025 година. Само минатата година се склучени 59 договори, најголем дел со општини раководени од ВМРО-ОКГ.
Симптоматично е што вредноста на договорите речиси целосно се поклопува со проценетата вредност на тендерите –што е класичен индикатор, сериозен сомнеж за наместени јавни набавки.
161 тендер за семејната фирма на Томовски. 51 тендер за друга фирма преку општини. Сега 74 тендери за трета фирма блиска до власта.
За сите овие скандали повеќе од 54 дена молчат Обвинителството, ДКСК, Финансиската полиција. На сите треба да им биде јасно дека одговорност ќе има. Антикорупцискиот тим на СДСМ продолжува да ги разоткрива шемите со криминални тендери“, соопшти СДСМ.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

