Македонија
Спасовски-Предоју: Продолжуваме заедно за побезбедна Европа
Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Букурешт, Република Романија, се сретна со својот романски колега, вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Романија, Марјан-Каталин Предоју.
На средбата, изразувајќи благодарност за топлиот пречек, министерот Спасовски упати честитки до колегата Предоју по повод назначувањето на функцијата вицепремиер и министер за внатрешни работи на Романија. Притоа, тој изрази задоволство за можноста за соработка на прашања од заеднички интерес како за двете министерства за внатрешни работи, така и за двете пријателски земји.
Оценувајќи ја досегашната билатерална соработка меѓу двете Министерства за внатрешни работи како плодна и отворена, министерот Спасовски го изрази своето уверување дека таа ќе продолжи да се развива со зголемен интензитет и во иднина.
„Оваа одлична соработка следи како резултат на добрите односи кои постојат меѓу двете земји, потврдувајќи ги нашите заложби за зацврстување и одржување на истите, како и нашата заедничка позиција во спротивставување на актуелните безбедносни закани, одржување на мирот, стабилноста и безбедноста на нашите граѓани и држави. Клучен фактор во овој вид соработка игра и местоположбата на СЕЛЕК Центарот во Букурешт, кој претставува уникатна оперативна организација, која ја олеснува брзата размена на информации меѓу агенциите за спроведување на законот од земјите членки во делот на прекуграничен криминал, а координира и регионални операции, ставајќи ги на едно место ресурсите од 12-те земји членки, меѓу кои и Романија, за откривање и разбивање на криминални мрежи”, рече Спасовски, додавајќи дека меѓународната оперативна соработка, која е на високо професионално ниво, се остварува преку сите меѓународни и регионални канали на полициска соработка и подразбира брза, квалитетна и ефикасна размена на оперативни сознанија, односно редовно постапување по барања упатени од двете држави за различни видови на проверки во сите форми на организиран и сериозен криминал.
Како уште еден показател за одличната билатерална соработка, министерот Спасовски го посочи Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Романија за зацврстување на соработката во областа на внатрешната контрола и спречување и борба против корупција.
„Со Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Романија за зацврстување на соработката во областа на внатрешната контрола и спречување и борба против корупција испративме сериозна порака за сузбивање на коруптивното однесување на полициските службеници и другите вработени лица во надлежните органи, како и на организираните криминални групи кои се бават со овие незаконски активности. Во рамки на Договорот веќе се воспостави заедничка соработка помеѓу двете министерства за внатрешни работи, како што е обуката од областа на внатрешната контрола и спречување и борба против корупција во Романија, Букурешт. Истовремено, нашата соработка дополнително се зајакна со потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на Романија за поддршка и соработка во областа на заеднички обуки, кој има за цел реализација на програми за размена стручен кадар и кадети, размена на искуства и податоци, изработка на заедничка програма за обука, како и спроведување заеднички обуки и проекти”, истакна министерот Спасовски.
Министерот за внатрешни работи на Романија Марјан Каталин Предоју ја истакна добрата соработка помеѓу двете Министерства за внатрешни работи, со уверување дека тие и во иднина ќе продолжат да ги поддржуваат нашите заложби по прашањата од заеднички интерес како што се борбата против илегалната миграција, тероризмот, компјутерскиот криминал и размената на обуки и искуства помеѓу полициските службеници подвлекувајќи дека во нив имаме партнер и поддржувач не само на билатерален план туку и на регионало ниво. Предоју во оваа прилика истакна дека особено го цени учеството на нашите претставници во СЕЛЕК со кои изминатиов период имавме успешна реализација на голем број заеднички истраги. Од страна на министерот Спасовски беше упатена покана за посета на МВР на Република Северна Македонија, која министерот Предоју со задоволство ја прифати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

