Македонија
Спасовски: Преку соработка на безбедносните служби во регионот до успешни операции на заеднички тимови

Mакедонското Министерство за внатрешни работи вложува значителни ресурси во одделот за внатрешна контрола, криминалистисчки истраги и професионални стандарди како организациска единици во рамките на полицијата надлежна за борба против корупцијата во сопствените редови, порача министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на регионалниот министерски Форум во рамки на Мрежата за подобрување на регионалната соработка на Единиците за внатрешна безбедност (НЕРЦИСУ) што денеска и во наредните два дена се одржува во Софија, Република Бугарија, а во организација на бугарското Министерство за внатрешни работи.
.
„Заедничките проблеми со кои се соочуваат безбедносните служби од регионот како што се мигрантите, тероризмот, шверцот со оружје, артефакти, наркотици и слично наметнуваат потреба од заедничко дејствување, особено ако се има предвид дека овие недозволени активности во еден сегмент, за жал, се поддржани и од вработени во безбедносните служби“, потенцираше Спасовски, притоа нотирајќи дека градењето заемна доверба и механизми за регионална соработка помеѓу безбедносните служби од регионот ќе придонесе за зголемена ефикасност во спречувањето, откривањето и истражувањето на коруптивното однесување во полициските редови.
Спасовски рече дека македонското МВР ја поддржува секоја иницијатива што ќе придонесе кон зајакнување на соработката на службите за внатрешна контрола од регионот од државите вклучени во мрежата НЕРЦИСУ, дотолку повеќе што интегрираниот пристап во работата, размената на информации, како и зајакнувањето на формите на оперативна соработка ќе резултираат со успешни операции на заедничките тимови.
„Формирањето на мрежата на НЕРЦИСУ е прв и важен чекор во оваа насока, кој во изминатите две години од формирањето се покажа како успешен процес за градење на меѓусебната комуникација помеѓу службите за внатрешна контрола од регионот“, додаде министерот Спасовски.
Утре на маргините од регионалниот министерски форум е предвидена и билатерална средба на министерот Спасовски со неговиот бугарски колега Младен Маринов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тим од ОЈО ГОКК во АНБ: договорена динамика за увид во документацијата за можните злоупотреби и следења

Во врска со можните злоупотреби на овластувањата на припадници на безбедносните служби и незаконско следење на комуникациите, ОЈО ГОКК известува дека постапува согласно своите законски надлежности и уставно загарантираниот принцип на законитост и еднаквост пред законот.
„Во рамките на предистражната постапка денеска тим од истражители од ОЈО ГОКК беа примени во АНБ каде што беше договорена динамиката за спроведување на увидот во документацијата со која располага АНБ, а која се однесува на наводите содржани во известувањата доставени до ОЈО ГОКК. Во рамките на денешниот работен ден, двете институции демонстрираа коректен и професионален однос во насока на ефикасно спроведување на законските надлежности и заштитата на јавниот интерес. Со оглед дека станува збор за обемна и сензитивна документација врз основа на која треба да се обезбедат релевантни докази, како и фактот дека истата има степен на доверливост, увидот ќе трае во наредниот период, а ќе се преземаат и други предистражни дејствија“.
ОЈО ГОКК информираат дополнително од таму, постапува исклучиво врз основа на докази, во рамките на законските процедури и со целосно почитување на правата на сите засегнати страни.
„Притоа, во интерес на постапката, а имајќи ја предвид тајноста на предистражната постапка, апелираме до медиумите и до јавноста да се воздржат од прерано изнесување на заклучоци додека трае постапката и не се утврдат фактите. ОЈО ГОКК навремено ќе ја информира јавноста за текот на постапката тогаш кога споделените информации нема да ја загрозат тајноста на предистражните дејствија“.
Македонија
Гаши по повод 8. Септември: Имаше моменти кога дури и соживотот беше изложен на искушенија и успеавме, заедно знаевме да освојуваме и победи

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, се обрати пред пратениците, претставници на владиниот кабинет, дипломатскиот кор и јавноста по повод 8 Септември – Денот на независноста, честитајќи ја 34-годишнината од независноста на Македонија.
Во својот говор, Гаши истакна дека независноста е темелот врз кој треба да се гради демократски и стабилен заеднички дом, со почитување на различностите, справување со корупцијата, зајакнување на правната држава и меритократијата, како и зголемување на благосостојбата на граѓаните.
„Кога зборуваме за независноста на државата, природно ни изгледа како да ја допираме историјата, а сите добро знаеме дека историјата на нашата држава не беше ниту лесна ниту многу пријатна. Имаше моменти кога дури и соживотот беше изложен на искушенија и успеавме, но имаше и моменти кога заедно знаевме да освојуваме победи. А денес, пред сè, се радуваме бидејќи овој ден нè наоѓа обединети во мир“, порача Гаши.
Нагласи дека Северна Македонија денес е пример на сплотеност меѓу различните народи, стабилен сојузник на НАТО и достоен кандидат за полноправно членство во Европската Унија. Главната порака што ја упати до граѓаните е суштинската сплотеност – да се гради заедништво преку почитување на различностите, наместо поделби.
„Независноста не е подарок – таа е завет од минатото, обврска за сегашноста и патоказ за иднината. Таа е завет оваа земја да биде наш заеднички дом, татковина на сите нејзини луѓе без поделби и без исклучоци“, рече Гаши, повикувајќи на создавање на заедничка иднина.
Македонија
Интерната комисија проверува дали се правеле непотребни операции на срце, методологијата за работа е утврдена

Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции ја утврди методологијата за работа, која што ќе биде основата за анализата не само на веќе доставените осум случаи, туку на сите случаи кои ќе бидат доставени или утврдени од страна на интерната комисија.
„Транспарентноста е клучна во целиот процес. Се следат меѓународните стандарди како референтни точки. Очекуваме интерната комисија да ги утврди фактите во однос на осумте случаи и да постапува врз основа на медицински докази. Нашата крајна цел е заеднички да го подобриме здравствениот систем и да поставиме цврста основа на менаџирање во здравството“, вели министерот за здравство, Азир Алиу.
Се додава дека интерната комисија е составена од врвни експерти во областа, правници и економисти. Наодите од анализата на интерната комисија ќе бидат во најскоро време доставени до стручната комисија составена од странски експерти, а извештајот од интерната комисија ќе биде објавен на веб-страницата на Министерство за здравство.
Јавна здравствена установа пријавила осум случи за извршени непотребни кардиохируршки интервенции во интерната комисија што ја формира Министерството за здравство по скандалозните тврдења на кардиологот Сашко Кедев дека во земјата за пари се прават операции на срце и кај пациенти што немаат медицинска потреба.