Македонија
Спасовски: Преку соработка на полицијата и приватното обезбедување до унапредена јавна безбедност
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, присуствуваше и се обрати на научно-стручна дебата на тема „Јавната и приватна безбедност – преку координација и соработка до заедничка превенција на безбедносните ризици и закани“ во организација на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот Факултет во Скопје, а во присуство на професори и студенти, како и припадници на секторот за приватно обезбедување.
Во рамките на дебатата е и промоцијата на книгата „Јавната и приватна безбедност – координација и соработка“, која е резултат на истражувачката студија „Јавната и приватна безбедност – координација и соработка“ и содржи резултати од истражувачкиот проект што го поддржа Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување, а го реализира тим од Филозофскиот факултет во Скопје во состав: проф. д-р Оливер Бакрески, проф. д-р Марјан Ѓуровски и м-р Лета Барџиева-Миовска, воедно и автори на книгата, а голема важност има и ангажманот на МВР, односно на м-р Сашо Тасевски, особено при спроведувањето на истражувањето во МВР.
„Јавната безбедност претставува дел од безбедноста, односно оној, така да кажам, најконкретен облик на безбедноста насочен кон заедница и кон нејзините граѓани, притоа во потполност регулирана со позитивното право на државата, така што граѓаните имаат увид и влијание во работата на субјектите на јавната безбедност, а тоа е примарно за полицијата“, истакна министерот Спасовски во своето обраќање, при што нагласи дека има простор за кооперативност и унапредување на мотивираната соработка и активности и кај МВР и кај Комората за приватно обезбедување, но и кај академската заедница од областа на безбедноста.
„МВР, препознавајќи ја неоспорната потреба од соработка помеѓу полицијата и приватното обезбедување како дејност која технички, организационо, стручно, професионално направи драстични позитивни надградби во изминатата деценија, уште во 2018 година тој факт и содржински го реализира преку потпишувањето на меморандумот за соработка, за партнерство со Комората на приватното обезбедување, а во насока на продлабочување на меѓусебната соработка и координација за заедничко надополнување во организирањето и спроведувањето на превентивни мерки и програми, во интерес на зголемување на безбедносните стандарди и практики“, потенцира министерот Спасовски.
Министерот Спасовски истакна дека студијата ги нотира општите трендови во доменот на координацијата и соработката помеѓу полицијата и приватната безбедност, кои се однесуваат на зголемување на бројот и опсегот на партнерски активности; динамизирање на размената на информации; поголем степен на обезбедување приватни безбедносни услуги за традиционални функции на спроведување на законот; пораст на искористување на ресурсите и институционализација на партнерствата.
„Практично, овој труд јасно сугерира дека услугите на државниот и на приватниот сектор може да се комбинираат со цел да се намали криминалот, а да се зголеми безбедноста. Конечно, примерите со состојбите за време на пандемијата на Ковид-19 дополнително ја аргументираа потребата од активен ангажман, соработка и координација на сите безбедносни фактори како императив сам по себе, особено во поглед на квалитетен прв одговор и поставување на силите врз основа на претходни искуства со слични сценарија“, истакна на крајот министерот Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема скандал, ниту криминал, а во тоа да не се вмешани Заев и Филипче
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека постои поврзаност меѓу Венко Филипче и сопственикот на компанијата „ЦБД Медплант“, Тони Котев, во врска со случајот со запленета дрога.
Од партијата велат дека во јавноста се појавиле фотографии на кои двајцата се заедно, што, според нив, ги демантира изјавите на Филипче дека не ги познава лицата поврзани со фирмата.
„Откако со денови СДСМ се обидува да ја релативизира аферата со запленетата дрога, вистината излезе на виделина. Филипче тврдеше дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на фирмата, но фотографиите покажуваат поинаку“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто, како што велат, владејачката партија реагира на случајот со запленети над 30 тони дрога и дали постои поврзаност со поранешни функционери.
Од партијата повикуваат Јавното обвинителство да ја испита можната поврзаност на Филипче со случајот.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка
Најстудено утрово е во Берово -4 степени, на Попова Шапка се измерени -2, додека во Крива Паланка, Претор, Битола, Струмица, Mаврови Анови се измерени 0 Целзиусови степени. Над нулата е во Тетово, Прилеп, Штип, Kрушево каде се измерени еден степен, Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија, Виница по два, Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Кавадарци по 3 и Гевгелија пет Целзиусови степени, информира УХМР.
Најмногу снег има на Попова Шапка, каде висината на снежната покрива изнесува 62 сантиметри.
За изминатите 24 часа до 07 часот во најмногу врнежи имало во Охрид и Претор каде се измерени 2 l/m2.
Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во северозападните делови (локално над 25 l/m²). Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 14 степени.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.

