Македонија
Спасовски: Република Северна Македонија е најадекватен пример во регионот за ефикасна меѓународна соработка во миграциите
„Зајакнување на миграцијата, азилот и управувањето со границите“ е насловот на втората панел сесија во рамки на првиот ден од Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан кој се одржува во Тирана, а на кој учествуваше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Министрите учесници на овој форум, покрај проценката на ситуацијата по должина на Западнобалканската рута, дискутираа и за потребата од брзо усогласување на визната политика, напорите за зајакнување на капацитетот за управување со границите, подобрување на условите за прием и зајакнување на системите за азил, како и можностите за подобрување на соработката во борбата против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе и зголемување на враќањето/реадмисијата на нерегуларните мигранти во земјите на потекло.
Притоа, еврокомесарката Јохансон во воведот на сесијата го изрази своето задоволство од неодамна потпишаниот Договор помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија, а министерот за внатрешни работи на Чешката Република, во улога на земја претседавач со Советот на ЕУ, Вит Ракушан, упати пофалби кон министерот Спасовски во однос на ефикасноста со која Република Северна Македонија го заврши преговарањето на договорот со Фронтекс и го финализираше и процесот на потпишување, што е од големо значење за регионот и ЕУ.
Министерот Спасовски, осврнувајќи се на значењето од Договорот со ФРОНТЕКС, потпишан помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија во насока на обезбедување на одржливи, трајни решенија во справувањето со илегалната миграција и прекуграничниот криминал, а со тоа и посигурни граници и поголема безбедност на нашите граѓани и граѓаните на Унијата, ги претстави и состојбите со миграцијата во регионот.
„Во текот на 2022 година илегалната миграција е актуелна закана со која се справуваат земјите во регионот и пошироко. Како и претходните години, Турција и Грција се земји на чии територии се стационирани голем број мигранти. Способноста и капацитетот на Турција да управува со своите граници игра важна улога и за Источно-медитеранската и за Западно- балканската рута, бидејќи таа и понатаму е клучна земја која влијае на миграцијата низ Западен Балкан, како земја со голем број мигранти и клучна транзитна област помеѓу Јужна/Средна Азија и Европа. Аналитичките согледувања укажуваат дека миграцискиот притисок во регионот на Западен Балкан во текот на 2022 година е зголемен, особено на северните граници во регионот со Србија и во Австрија. Во Република Северна Македонија, спречени се 22.806 обиди за илегално преминување на границите или речиси пет илјади обиди повеќе во споредба со истиот период лани“, подвлече Спасовски, притоа нотирајќи дека споредено со минатата година обидите бележат пораст, но не и во однос на претходните години.
Според министерот Спасовски, активностите кои се преземаа за спречување на криминалните активности поврзани со криумчарење на мигранти резултираа со откриени 89 случаи на криумчарење на 1.328 мигранти. Ваквиот резултат бележи пораст од 97,7% во откриените случаи, односно зголемување за повеќе од два и пол пати на бројот на криумчарени мигранти, во однос на периодот од јули до октомври 2022 година, потенцирајќи дека еден од главните предуслови за ефикасно гранично управување со границите и миграциите е ефикасната меѓународна соработка, за што Република Северна Македонија претставува најадекватен пример во регионот со заедничката меѓународна операција на јужната граница со помош на ИОМ, која од 2016 е поддржана и од Европската комисија.
Меѓу главните приоритети, според Спасовски, е одржување и продлабочување на меѓународната соработка со земјите од регионот, со земјите на транзит и потекло, со агенциите на ЕУ и ОН, како и релевантни меѓународни организации, а МВР активно учествува во бројни меѓународни и регионални платформи, иницијативи и процеси, како што се Салцбуршки, Будимпештански, Прашки процес, Заедничка координативна платформа, DCAF Програма за гранична безбедност итн.
„Клучот за успехот е добрата соработка, редовната комуникација, координацијата и размената на искуства со другите колеги од земјите од Западен Балкан и релевантните партнери од ЕУ во областа на враќање и реадмисија. За таа цел, нашиот план е во наредниот период да бидат иницирани договори за реадмисија со други земји на потекло во Азија и Африка, но и да се реафирмираат постојните иницијативи за склучување договори. Тука останува и соработката со нашите партнери – Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ИЦМПД), како и други партнерски организации“, посочи министерот Спасовски.
На првиот ден од овој годишен Министерски форум, посветен на областа Внатрешни работи, покрај министрите за внатрешни работи од Западен Балкан, учествуваа и министерот за внатрешни работи на Чешката Република, како земја-претседавач со Советот на ЕУ, заедно со Европската комисија, претставена од еврокомесарот за внатрешни работи, како и претставници на претстојното шведско и шпанско претседателство со Советот на ЕУ, кои ги претставија приоритетите за време на претседавањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.
Македонија
Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба.
На настанот присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции.

Тој посочи дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за граѓаните и за економијата и најави дека во наредниот период во Крива Паланка и во регионот ќе се реализираат инвестиции во вредност од неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на делот од Коридорот 8 во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека меѓу приоритетите се третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и нови патни делници кои ќе го заобиколат влезот во Куманово за сообраќајот кон исток.

Премиерот истакна дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции, при што како клучни ги наведе Коридорите 8 и 10, со приоритет на патничко, железничко и енергетско поврзување.
Мицкоски оцени дека инвестициите ќе придонесат за економски раст и ќе создадат услови за развој на локалните заедници, изразувајќи очекување дека дел од иселените граѓани ќе се вратат и ќе продолжат да живеат и работат во земјата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се обрати од настанот, рече дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир целосно се развива источното крило на Коридор 8.
Тој посочи дека реконструкцијата на обиколницата, во должина од 4,5 километри, е инвестиција од 1,2 милиони евра и претставува значајно поврзување со Бугарија како витален дел од Коридор 8. Додаде дека во тек е модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, при што првата фаза се очекува да заврши до јуни, а потоа ќе следи проширување на капацитетите.

Николоски нагласи дека во соработка со ЕУ се бара решение и за модернизација на делницата Страцин–Романовце, како и дека интензивно се работи на железничкото поврзување кон Исток. Потпишан е договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а се очекува Крива Паланка да биде поврзана со Скопје со дневна железничка линија.

