Македонија
Спасовски: Санацијата на колекторот по должината на Охридското Езеро ќе биде завршена во предвидениот рок
Работите за санација и реконструкција на колекторскиот систем по должината на крајбрежјето на Охридското Езеро, што почнаа во декември минатата година, се одвиваат според планот и уште ова лето езерото ќе има чиста и безбедна вода за капење, е констатирано на увидот во напредокот на работите на чистење и реконструкција на колекторскиот систем во Охридско-струшкиот Регион, што денеска го направија претседателот на Владата, Оливер Спасовски, заедно со министерот без ресор, Едмонд Адеми, кој е задолжен за координација на активностите за исполнување на обврските што произлегуваат од препораките на УНЕСКО за заштитеното подрачје на Охридскиот Регион, и со директорот на Јавното претпријатие „Колекторски систем“, Владимир Алексијоски.
Работите за санација и реконструкција на колекторскиот систем почнаа на потегот од тунелот на патот Охрид – Пештани, кај Свети Стефан, до Билјанини Извори, и во должина од повеќе од 2 километра цевките на колекторот се исчистени од корења, градежен шут и друг талог. На овој потег дури 80 отсто беше намалена функцијата на колекторскиот систем и затоа на местата каде што цевките беа скршени или сериозно оштетени, се пристапи кон санација според системот „цевка во цевка“ и со тоа се обезбеди нормален, целосен проток на водите за прочистување.

„За системот за прочистување на отпадните води во Охридското Езеро не се водеше грижа со години и тој беше уништен. Несеопфатната реализација и негрижата за одржувањето на колекторскиот систем создадоа сериозни еколошки штети и закани за Охридското Езеро и за природните убавини и реткости во неговото опкружување. Во наредните 5 месеци, ќе го поправиме тоа што со години беше запуштено од негрижа и недејствување. За оваа намена се обезбедени 4,2 милиони евра од буџетот на граѓаните на нашата земја“, истакна во изјавата за медиумите премиерот Спасовски, кој увидот во работите за санација на колекторскиот систем го направи како дел од агендата на 7. седница на Владата, која денеска се одржува во Охрид.
Во активностите до крајот на овој месец се вклучени работите на санацијата на делниците од Лагадин кон Пештани, како и од населбата Далјан до Подмоле. Веднаш потоа ќе почнат и работите по целата останата должина на колекторот на охридско-струшкиот брег.
Паралелно со овие реконструкциски и санациски работи се сервисираат и редукторите на пумпите на пречистителните станици за обезбедување на целосната функција на колекторскиот систем.
„Охридското Езеро и заштитеното подрачје опфатено со УНЕСКО се наша гордост, но и грижа на сите нас, и затоа следува комплетна санација на колекторскиот систем. Нашата намера е да покажеме дека знаеме и дека се грижиме за нашите природни и културни вредности и тоа оваа Влада ќе го докаже“, нагласи претседателот на Владата на Северна Македонија, Оливер Спасовски.
Министерот без ресор, Едмонд Адеми, кој е задолжен за координација на активностите за исполнување на обврските што произлегуваат од препораките на УНЕСКО за заштитеното подрачје на Охридскиот Регион, и директорот на Јавното претпријатие „Колекторски систем“, Владимир Алексијоски, во изјавите за медиумите потенцираа дека ќе бидат преземени сите претходно утврдени активности предвидени во Планот за управување со заштитеното подрачје на Охридското Езеро, меѓу кои се и санацијата и реконструкцијата на колекторскиот систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МОН: Ја јакнеме инклузијата со влезот во Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование
„Размената на искуства и позитивни практики со земјите од Европа и Светот ни е од голема важност во оваа насока, и затоа се радуваме што стануваме земја членка на Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование (EASNIE)“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, на средбата со Жоао Коста, директор на EASNIE и Рута Сваринскаите, кои деновиве се во посета на нашата земја.

– Постојано работиме на подигнување на инклузивноста на образовниот систем, затоа што секое дете мора да има еднаков пристап до квалитетно образование и да добие шанса за достигнување на својот полн потенцијал, независно на комплексноста на посебните образовни потреби. Имаме што да споделиме, бидејќи особено во изминатите неколку години направени се крупни чекори напред во градењето на инклузивно општество, но како земја во развој ќе продолжиме и внимателно да ги следиме трендовите кои ги наметнуваат развиените земји, истакна Јаневска на средбата.

Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование е независна организација која дејствува како платформа за соработка меѓу земјите-членки, со цел обезбедување поинклузивни образовни системи. Агенцијата е единственото европско тело кое е финансирано од своите земји-членки со конкретна мисија да им помогне да го унапредат квалитетот и ефикасноста на инклузивното образование за сите ученици, односно EASNIE е кофинансирана од министерствата за образование во земјите-членки и од Европската комисија преку оперативен грант преку Еразмус+.
Македонија
(Видео) На подрачјата на Маврово и Попова Шапка се воведува кружен тек за да се избегне блокирање на патот, СВР Тетово со апел да се почитуваат сообраќајните правила
Секторот за внатрешни работи Тетово постапува согласно годишен план за постапување во зимски услови во зимските рекреативни центри Маврово и Попова Шапка, но и во целото подрачје што го покрива.
Како и минатата година, така и оваа година на подрачјата на Маврово и Попова Шапка се воведува кружен тек на движење на возилата за да се избегне секој вид на блокирање на патот. Но, поради одредени неодговорни возачи кои не го почитуваат тоа правило дооаѓа до целосно блокирање на сообраќајот. Исто така, проблем претставува и паркирањето на возила покрај патот со што се оневозможува на надлежните институции за целосно чистење на патот и на тој начин уште повеќе се отежнува движењето во сообраќајот, односно на некои делници од патот кон Маврово нема можност за двонасочен сообраќај, велат од СВР Тетово.
Пред почетокот на сезоната, Отсекот за превенција при СВР Тетово во неколку наврати одржа состаноци со менаџери и сопственици на хотели и угостителски објекти во овие два туристички локалитети, при што беше укажано да преземаат соодветни мерки во нивниот делокруг на работа за безбедноста на посетителите, а и во однос на обезбедување на доволен број паркинг места за нивните клиенти.
„За да не се повторат ситуации од претходните години во Маврово и Попова Шапка, кога СВР Тетово дополнително ангажираше полициски службеници од другите полициски одделенија за физичко регулирање со наизменично пуштање на возилата и расчистување на сообраќајот, СВР Тетово апелира до граѓаните, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не ги паркираат нивните возила на коловоз, да ги почитуваат наредбите од полициските службеници и да не тргнуваат кон овие локации без соодветна зимска опрема“, соопштуваат од СВР Тетово.
СВР Тетово ги известува граѓаните дека ќе бидат ангажирани и пајак службите на Тетово и Гостивар секогаш кога некое возило ќе го попречува сообраќајот, односно ќе биде подигнато и законски санкционирано.
Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Целосна реконструкција на култната фонтана „Лотос“ во Градскиот парк
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, објави видео во кое вели дека култната фонтана „Лотос“ повторно го добива својот сјај.
„Започната е целосна реконструкција на фонтаната која се наоѓа на влезот од Градскиот парк – место што со децении претставува препознатлив белег и симбол на Скопје, но кое за жал со години беше запуштено.
Со проектот е предвидена целосна обнова на фонтаната, како и уредување на плоштадот околу неа. Се поставува нова урбана опрема и современо осветлување, со што просторот ќе добие нов, модерен и достоинствен изглед, соодветен на значењето што го има за градот и граѓаните.
Ова култно катче, еден од најпрепознатливите симболи на Скопје, повторно ќе стане место за средби, прошетки и споделени моменти. Простор каде што генерации скопјани ќе се собираат, ќе создаваат спомени и ќе уживаат во уреден и квалитетен јавен простор, онака како што Скопје заслужува.
Градот го обновуваме чекор по чекор, со јасна визија и конкретни дела. Скопје го правиме заедно. По скопски!“, изјави Ѓорѓиевски.

