Македонија
Спасовски се сретна со претставникот на УНИЦЕФ во земјава
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и државната секретарка Магдалена Несторовска имаа средба со претставникот на УНИЦЕФ во земјава, Патриција Ди Џовани.
На средбата се разгледувала досегашната и идната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава.
Спасовски истакна дека покрај размената на информации и гледишта во делот на досегашната соработка заедно со своите најблиски соработници ќе се заложат кон нејзино унапредување во иднина и во таа насока беа разгледани неколку предлози меѓу кои и усогласувањето на законодавството со ЕУ и меѓународните стандарди, соработката во однос на делот на заштитата од насилство преку интернет, сместувањето на децата странци, меѓуресорската соработка, како и работата на меѓусекторските тимови, особено во контекст на заложбите на Владата за постепено ставање на крај на насилството врз децата и нивна заштита.
Министерот Спасовски исто така изрази и задоволство од досегашната успешна заемна соработка.
Од двете страни, беше изразена отвореност за соработка преку различни форми, а особено преку проектот поддржан и од Европската Унија за заштита на децата и реформите во правосудниот систем, во кој покрај МВР се инволвирани и повеќе други национални институции, вклучување на МВР во системот Мој термин на Министерството за здравство при случаи на насилство врз децата, дигитализација на работата на МВР. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претставникот на UNICEF во Република Северна Македонија, г-ѓа Патриција Ди Џовани, остануваат отворени за соработка, во полза на заедничката цел – заштитата на најмалите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

