Македонија
Спасовски се тестирал за коронавирус и чека препораки од епидемиолозите за изолација
Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, утрово направил тестирање за коронавирус и ги чека резултатите, а во меѓувреме чека насоки и препораки од епидемиолозите за потребата од негова изолација. Од кабинетот на Спасовски велат дека ќе ги почитуваат препораките. Спасовски претходно беше во Куманово заедно со директорката на УЈП, Сања Лукаревска, која, пак, е заразена со коронавирусот.
„Ги чекаме насоките и препораките на епидемиолозите. Штом ги добиеме, ќе постапиме веднаш и во целост согласно протоколите, со избегнување и најмал ризик. Штом ги добиеме препораките од епидемиолозите, веднаш ќе ја известиме јавноста“, велат од кабинетот на техничкиот премиер Спасовски.
Дека Спасовски направил тестирање, на прес-конференција објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Тој кажа и дека шест членови на органите на партијата се веќе во самоизолација, а двајца се позитивни на коронавирусот.
„Потпретседателот Мухамед Зекири и неговото семејство се позитивни на коронавирусот. Позитивна е и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, која е дел од извршниот одбор на партијата. Согласно протоколите и здравствената превенција, во самоизолација се лицата кои имале контакт со нив, како што е потпретседателот Манчевски Дамјан, Мила Царовска, Марјан Забрчанец, Славјанка Петровска, кои ќе се тестираат овие денови. Премиерот Оливер Спасовски утрово правел тестирање, како и да одлучат здравствените власти, тие ќе бидат почитувани. Резултат ќе биде јавно објавен“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

