Македонија
Спасовски со директорот на Центарот за соработка во областа на спроведување на законот на Југоисточна Европа – СЕЛЕК
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во рамки на официјалната посета на Романија, оствари работна средба со директорот на Центарот за соработка во областа на спроведување на законот на Југоисточна Европа – СЕЛЕК, Огуз Серкант Акин, чие седиште е во Букурешт, а во кој покрај Северна Македонија и Романија, членуваат уште 10 други земји.
На средбата беше истакната значајноста на Центарот за спроведување на законот на Југоисточна Европа како оперативна организација која ја олеснува брзата размена на информации меѓу агенциите за спроведување на законот од земјите членки во областите на прекуграничен криминал. Од особена важност е тоа што СЕЛЕК ги става на едно место ресурсите од дванаесетте земји членки, за остварување на својата главна функција, односно борбата против организираниот и сериозен криминал во Југоисточна Европа и пошироко.
Спасовски упати изрази на целосна и безрезервна поддршка на МВР во активностите на СЕЛЕК како меѓународен партнер во делот на имплементација на повеќе проекти финансирани од страна на ЕУ, САД, Велика Британија, како и меѓународните организации ООН, Европол, Интерпол, УНДП, ИОМ и други, и изрази задоволство што како потврда за конструктивниот пристап е и фактот што Северна Македонија е присутна во раководството на СЕЛЕК со една директорска позиција.
Во таа насока, во периодот од 2020-2022 година, и покрај светската пандемија предизвикана од коронавирусот, надлежните служби во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија со останатите земји членки на СЕЛЕК и другите партнери разменија над 4000 оперативни информации, одржаа повеќе од 40 оперативни состаноци, а отворени се повеќе од 25 заеднички истраги, при што реализирани се повеќе од 15 заеднички истраги, додека останатите се во процес на реализација. Притоа, за време на разговорите беше посочено дека најголем дел од разменетите оперативни информации се од областа на недозволената трговија со дрога, а потоа и илегалната миграција и трговија со луѓе, финансиски криминал, компјутерски криминал, потраги по лица итн.
Спасовски истакна дека токму како резултат на заедничката соработка меѓу Република Македонија и Република Турција, во заедничка истрага врз основа на податоци споделени токму преку каналот СЕЛЕК, кон крајот на 2021 и почетокот на 2022 година, беше реализирана заплена на 1 тон 105 килограми прекурсори на дрога, користени во производството на амфетамин-метамфетамин, чија вредност е проценета на повеќе од 50 милиони евра. Притоа, станува збор за најголема заплена на супстанца за производство на синтетичка дрога во регионот на Југоисточна Европа, како и најголема заплена реализирана досега во рамки на СЕЛЕК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

