Македонија
Спасовски со честитка до католичките верници: Празникот нека ни даде сила за искушенијата со кои се соочуваме

Премиерот Оливер Спасовски, во писмо до монсињор Киро Стојанов, бискуп скопски и апостолски егзарх на Католичката црква во нашата земја, нему и на верниците од католичката вероисповед им го честиташе големиот христијански празник Велигден.
Спасовски во писмото вели дека годинава еден од најсветлите празници го славиме во изолација како подвиг на секој од нас пред искушенијата кои на светско ниво ги донесе пандемијата на коронавирусот.
„Овој празник го означува крајот на патувањето низ страдањата Христови“, пишува премиерот до верниците на Католичката црква по повод Велигден.
„Од нас годинава се очекува да понесеме саможртва за доброто на сите, овие денови да ги славиме во изолација за да се заштитиме себеси и ближните. Во мирот и спокојството на домот да ја победиме смртта и да преминеме во нова иднина“, стои во честитката.
„Со воскреснувањето на Исус Христос, се случи нешто навистина ново, нешто што ја промени состојбата на човештвото и светот и стана сила на надеж за победа над сите човечки ситуации на страдање и неправда“, нагласува Спасовски.
„Годинава се соочуваме со непознат и моќен непријател, кој ги искушува нашиот и животите на нашите блиски. Но, уверен сум дека од празникот со кој ја славиме победата над смртта сите ќе излеземе посилни и подобри“, пишува премиерот.
„Христос воскресна! Навистина воскресна! Останете дома!“, стои на крајот од честитката која претседателот на Владата ја упати до сите верници на Римокатоличката Црква по повод Велигден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.