Македонија
Спасовски: Успешната имплементација на договорот за автоматизирана размена на податоци e доказ за нашата решителност да се вклопиме во безбедносниот систем на Европската Унија
Денеска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, предводи делегација од МВР на 24. состанок на Комитетот на министрите на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа (КПС ЈИЕ), кој се одржува во Белград, Србија, на тема „Кон практичната примена на договорот за автоматизирана размена на податоци – мини Прум: Во исчекување на првите оперативни резултати“.
„Сметам дека соработката во рамките на Конвенцијата за полициска соработка на Југоисточна Европа и договорот за автоматизирана размена на податоци претставува додадена вредност – првенствено од практичен аспект во однос на интензивирање и воведување нов квалитет на безбедносната соработка и осигурување ефективни криминалистички истраги и менаџирање со безбедносни закани и предизвици, а дополнително – дадена во поширок контекст – е олицетворение, односно манифестирање политичка волја и подготвеност за соработка и имплементирање на веќе воспоставени европски практики“, истакна министерот Спасовски во своето обраќање на првата сесија. Притоа тој потсети на потпишувањето на мини Прум-договорот, со убеденост дека успешната имплементација и подготвеност за соработка во рамките на договорот за автоматизирана размена на податоци, кои Република Северна Македонија ги манифестира во неколку наврати, интензивно работејќи на повеќе нивоа и вложувајќи значителен обем и сопствени финансиски средства, се доказ за нашата решителност да се вклопиме во безбедносниот систем на Европската Унија како дополнителен контрибуторен фактор за забрзување на нашата европска интеграција.
„Северна Македонија во изминатиот период сериозно пристапи кон искористување на можностите што ги нуди соработката во рамките на КПС ЈИЕ. Во таа смисла и, впрочем потенцирав пред малку, дека Министерството за внатрешни работи одвои значителни финансиски средства за создавање сите технички предуслови за ефектуирање на размената на податоци. Така, во Министерството во завршна фаза е набавката и инсталацијата на нов компјутерски систем за автоматизирана идентификација на биометриски податоци (АБИС), кој вклучува отпечатоци од лица, траги од папиларни линии од место на настан и фотографии од регистрирани лица и непознати ликови. Една од клучните компоненти при неговото техничко специфицирање беше и барањето за техничка можност за поврзување во мрежата на Конвенцијата, кое е направено според техничките протоколи на прумската конвенција“, истакна министерот Спасовски дополнувајќи за системите КОДИС и ТЕСТА.

„Исто така, со поддршка на американската амбасада во Скопје и Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор – ДКАФ набавен е и системот за автоматизирана размена на ДНК-податоци – КОДИС, а веќе се одржа и основна обука за негово користење од страна на соодветни експерти. Од значење за поврзувањето на наведените системи е фактот дека опремата за TESTA физички се наоѓа во просториите на Министерството за внатрешни работи, но е под административна надлежност на Министерството за информатичко општество и администрација. Во тек се активности во Министерството за воспоставување контакт со надлежните инстанци на Европската Унија од аспект на обезбедување прецизни чекори за натамошните неопходни административни и технички побарувања за поврзување на двата споменати система преку TESTA“, рече министерот Спасовски на крајот од своето обраќање заблагодарувајќи му се на Секретаријатот на Конвенцијата за полициска соработка на Југоисточна Европа за досегашната поддршка и ангажман во олеснувањето на оперативната комуникација и работата на полициските служби на Југоисточна Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

