Македонија
Спасувачка акција во Прилеп: две лица со „голф“ паднаа во река

Спасени се две лица кои со возило околу 13 часот паднале во река во Прилеп.
Лицата биле во автомобил од марката „голф“ и влетале во реката кај мостот „Кочо Рацин“.
„Од Регионалниот ЦУК Битола контактирале со ТППЕ Прилеп и добиле известување дека имаат екипа на лице место, како и од Итна медицинска помош Прилеп и дека во возилото имало две лица кои се извлечени. На терен, согласно ситуацијата, била излезена и полициска екиа од Полициската станица Прилеп“, соопшти Центарот за управување со кризи.
Едното од лицата е неповредено, додека другото било повредено, но надвор од животна опасност.
„Во возилото имало 2 лица, од кои едното лице се здобило со лесни телесни повреди и е пуштено на домашно лекување, додека другото лице е со тешки телесни повреди, но е вон животна опасност и веднаш е транспортирано со Брза помош во ЈЗУ Општа болница „Прилеп“, велат од ЦУК.
Фото: илустрација
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Истрага против уште едно лице за пожарот во кочански „Пулс“

Со истражната постапка за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ е опфатено уште едно лице за кое е поведена истрага за – Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
Во текот на досегашната постапка се обезбедија докази согласно кои за сега осомничениот се утврди дека е одговорно лице – реален сопственик на осомниченото правно лице – агенција за обезбедување на имот и лица од Скопје, извести Обвинителството.
Согласно доказите, тој раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител и со овластеното лице на подружницата во Кочани.
Тие без да имаат склучено договор со корисникот на услугата Кабаре ПУЛС Кочани, во текот на 2025 година вршеле обезбедување на имот и лица за клубот. Новиот осомничен во континуитет активно раководел со планот и начинот за давање на услугата обезбедување преку правното лице. Заедно со осомничените кои биле ангажирани како обезбедување, спротивно на повеќе членови од Законот за приватно обезбедување, без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, како и без проверка на условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, без да извршат проверка по однос на сигурносните услови во кабарето од аспект на имот и лица, особено по опасност и можност за евакуација, во текот на вечерта кога настанал пожарот не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот за посетители во објектот, не спречиле внес и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства од членовите на музичката група, со кои бил предизвикан пожарот, поради што настапила смрт кај 62 лица, со тешки телесни повреди се здобиле 157 лица, а со телесни повреди се здобиле 54 лица.
Врз основа на судска наредба вчера беше извршен претрес на две локации во Скопје и во Пробиштип, како и во автомобилот на осомничениот, при што беше одземена обемна документација поврзана со правното лице и електронски уреди. Лицето е лишено од слобода и со оглед на сите околности и законски основи, јавниот обвинител денеска до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Кочани ќе достави предлог за определување мерка притвор.
Македонија
Дел од Карпош и Аеродром денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.30 часот, корисниците од улицата Франце Прешерн, општина Карпош;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од улиците Симеон Кавраков, Петар Ацев и Анастас Митрев, општина Аеродром.
Македонија
Сончево со умерена облачност, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а во северните делови засилен северен ветер, кој ќе предизвика опаѓање на дневната температура за 3 до 5 степени. Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а попладне засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Од денеска до среда во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Потоа ќе преовладува претежно стабилно време, а дневните температури ќе бидат без промени.