Македонија
Списоците со корисници на финансиска поддршка објавени на веб-страницата на Министерството за труд и социјална политика
Министерството за труд и социјална политика ги известува граѓаните дека во согласност со Законот за финансиската подршка на ранливите категории граѓани за справување со енергетската криза списоците со корисници на финансиска поддршка се објавени на веб-страницата на Министерството.
Доколку некои од граѓаните/корисници во категориите опфатени со овој закон не се во списокот, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може да поднесат приговор до комисијата за одлучување по приговорите за финансиска поддршка, која ја формира министерката за труд и социјална политика, во рок од три дена од датумот на објавувањето на списоците со корисници на финансиската поддршка.
Комисијата, по поднесените приговори, одлучува во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на приговорот. Притоа комисијата за одобрените приговори доставува известување до подносителот и до институциите, а за одбиените приговори до подносителот.
Рокот за приговор е 3 дена, сметано од 6.12.2022 година, заклучно со 9.12.2022 година.
Министерството за труд и социјална политика информира и дека исплатата на финанасиската поддршка, во согласност со овој закон, за корисниците на правата од социјалната и детската заштита ќе биде на 12.12.2022 година, а за корисниците на паричен надоместок по основ на невработеност исплатата ќе биде на 14.12.2022 година.
На корисниците на пензија и корисниците на правото на надоместок за телесно оштетување финансиската поддршка за декември е исплатена со исплатата на ноемвриската пензија.
Со цел подобра информираност на граѓаните, Министерството за труд и социјална политика потенцира дека исплатата на средствата што се дел од финансиската поддршка во согласност со Законот за финансиската поддршка на ранливите категории граѓани за справување со енергетската криза се исплаќаат одвоено од редовната месечна исплата на средствата што произлегуваат од правата од социјална и детска заштита.
Министерството информира и дека списоците се објавуваат во согласност со член 17, член 18 и член 19 од Законот за заштита на личните податоци, а во врска со член 5 од Законот за финансиската поддршка на ранливите категории граѓани за справување со енергетската криза.
Линк до веб: http://bitly.ws/xuIM
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Возете внимателно, можни се одрони, предупредува АМСМ
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен, а сообраќајот се одвива без поголеми пречки. На граничните премини од македонска страна не се евидентираат подолги задржувања за влез и излез од државата, информираат надлежните служби.
Од АМСМ апелираат до возачите да бидат особено внимателни при управување со возилата. Се препорачува прилагодена брзина на движење, строго почитување на сообраќајната сигнализација и зголемена внимателност, особено на патиштата кои минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде постои можност од појава на одрони.
Како критични делници се издвојуваат патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде возачите треба да бидат дополнително претпазливи поради конфигурацијата на теренот и можните нестабилности.
АМСМ потсетува дека внимателното возење и навременото прилагодување на условите на патот се клучни за безбедно патување, особено во зимски услови и при променливо време. Се препорачува редовно информирање за состојбата на патиштата пред поаѓање на пат.
Македонија
Денес локални врнежи од дожд и снег на планините
Времето денеска ќе биде променливо облачно. Во западните делови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1 степен, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, со повремен слаб дожд во делови од котлината. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Од УХМР информираат дека под влијание на циклонска активност, во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.

