Македонија
Спречен обид за нелегално изнесување девизи, запленети 27 илјади евра

Синоќа, на излез од државата на граничниот премин Богородица се пријавило патничко моторно возило со српски регистарски таблици, управувано од српски државјанин.
При извршена контрола од страна на царинските службеници во лична чанта на патникот пронајдени се 47 илјади евра за кои не поседувал соодветен документ за потекло.
Во согласност со Законот за девизното работење, на патникот и неговата сопруга – сопатник во возилото, вратени им се по 10 илјади евра (износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата), а другите 27 илјади евра привремено се задржани.
Во согласност со Законот за девизното работење и Царинскиот закон поднесено е барање за поведување прекршочна постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Николоски по потпишувањето на Договорот во Лондон: Започнуваме нова историја за развој

Вицепремиерот Александар Николоски денеска во Лондон во име на Владата го потпиша Договорот Влада со Влада за политичка и економска соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство. Со Договорот на Македонија и се ставаат на располагање 6 милијарди евра за финансирање на капитални проекти.
„Навистина сме почестени што, не само што сме во Лондон и во Министерството за трговија и бизнис, туку и во оваа историска просторија, “Черчиловата соба”. Сметам дека тоа е навистина силен знак и сигнал за нашето партнерство, привилегија е да се биде токму во оваа просторија и да се потпише меѓувладиниот договор токму во оваа просторија“, рече Николоски.
Тој додаде дека стратешкото партнерство со Обединетото Кралство, го гледа како нешто што ќе ја доведе Македонија до едно ново ниво.
„Денес потпишуваме Договор Влада со Влада за развојни-инфраструктурни проекти во клучни сектори, како што се: транспорт, образование, животна средина, информатичка технологија, како и други сектори кои што ќе ги развиваме, тука е здравството, но и образованието и ќе продолжиме да соработуваме во претстојниот период“, рече Николоски.
Додаде дека веќе има три проекти кои што се подготвени: тоа е проектот за брзата железница на Коридорот 10, здравствениот проект за болници и проектот за образование, за Медицинскиот факултет.
„Она што е уште поважно за нас е дека ќе го искористиме искуството, но и најдобрата експертиза од британската јавна администрација, како и британскиот бизнис сектор, со што нашата администрација и нашиот бизнис сектор ќе дојдат до едно сосема ново ниво“, рече Николоски.
Рече дека со нетрпение го очекува потпишувањето на Договорот за стратешко партнерство со што, како што кажа, двете земји, ќе воспостават сосема нови односи.
„Ние сме сојузници во НАТО, но овие билатерални договори ќе не одведат на сосема ново ниво од нашата соработка и навистина сум благодарен што сме правата земја што потпишува ваков тип на договор”, изјави вицепремиерот Николоски по потпишувањето.
Македонија
Изведувачите на сопствен трошок одново ќе асфалтираат две улици во Битола

Како што најави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, дека инсистира на спроведување на решенија на проблемите, од денес започнаа активностите за отстранување на оштетениот коловоз и подготовка за повторно асфалтирање на улицата „Бурса“.
Активностите на оваа улица ќе се изведуваат од денес до сабота, во периодот од 09 до 19 часот од делот кај влезот на поранешна „Шеќерана“ и „Квасара“, според фаза 2 од проектот за времен режим на сообраќај, делот пред влезот на „Синпекс“, според фаза 3 од проектот и делот кај „Агнеса“ до отпадот. Додека траат работните активности, согласно времениот режим улицата, ќе биде затворена за сообраќај поради санација на оштетениот коловоз и асфалтирањето, кое ќе се изведува во наведениот период.
Во меѓувреме, се чекаат резултатите од лабораториските испитувања на претходно вградениот асфалт на улицата.
На барање на општината, изведувачот и на улицата кај „Блис“, започна со подготовка за целосно преасфалтирање на оваа улица, поради оштетувањата кои беа констатирани изминатиот период.
Градоначалникот Коњановски, потенцира дека квалитетот на извршената работа, секогаш мора да биде на задоволително ниво и нема да се дозволи проектите кои се реализираат да имаат било какви недостатоци.
Македонија
Данела му одговори на Мицкоски: „Благодарам на можноста господине Мицкоски да делувам едукативно на вас“

Жалам што првиот човек на Владата се уште не ги знае законите и нема основни познавања на тоа како функционира локалната самоуправа, за да го повикува градот Скопје да постапува по дивоградби, вели градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска откако премиерот Христијан Мицкоски ја повика да постапи за градилиштето во Чаир за кое тврди дека е без градежна дозвола.
„Мицкоски, надлежност за постапување против дивоградби има општинскиот градежен инспектор. Таков инспектор има општина Чаир и сите други скопски општини како посебни единици на локалната самоуправа во рамки на градот Скопје. Градот Скопје е единствена единица на локална самоуправа која нема градежен инспектор по закон. Освен општинскиот градежен инспекторат на Чаир надлежност има и Државниот градежен инспекторат кој е под директна надлежност на Министерството за транспорт и врски“, вели Арсовска.
Кога станува збор за гонење на криминалци кои се фатени во спроведување на кривично дело, додава таа, во случајов узурпација на државно земјиште, бесправна градба и нарушување на општа безбедност одговорноста е кај Министерството за внатрешни работи.
„Благодарам на можноста господине Мицкоски да делувам едукативно на вас во овој случај и апелирам, сега откако ги знаете одговорностите и надлежностите да постапите веднаш“, се вели во реакцијата.