Македонија
Средба Андоновски – Kлековски: Забрзана дигитализација за поефективен здравствен систем
Како да се забрза процесот на дигитализација на здравствениот систем во државата? Што е потребно, како да се зголемат и подобрат дигиталните услуги и како да се изврши вмрежување на сите податоци на едно место за пациентите. Ова беа дел од темите за кои денеска разговараа Стефан Андоновски, министерот за дигитализација и Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, директори на Фондот за здравствено осигурување.
Потребата од целосна дигитализација во овој сегмент е неопходна затоа што ќе се зголеми ефикасноста и ефективноста на здравствените услуги, ќе се намали административната работа на здравствените работници и секое медицинско лице ќе ги има сите потребни податоци за еден пациент. Системот може да биде надграден, ќе се нудат повеќе услуги и на тој начин ќе се забрза користењето на здравствените услуги и ќе се намали драстично можноста за корупција.
„Приоритет е дигитализацијата, бидејќи само со дигитализација се зголемува транспарентноста и подобрува контролата во сите подрачја, од рецепти до лекување во странство. Отпорот што се јавувал кон дигитализацијата во сегментот во здравство е поради намалувањето на можноста за злоупотреби. Но сега има политичка волја тоа да се надмини“, објасни на состанокот Клековски.
За министерот Андоновски, овој принцип на работа со внесување на елементи на дигитализацијата е начин да се избегнат понатамошни злоупотреби, пациентите да ги добијат посакуваните услуги побрзо и подобро. Министерот Андоновски ја истакна и важноста за поврзување со Услуги.гов.мк.
Веќе се прави анализа на сите потребни надградби на системот и во следниот период ќе се започне со имплементација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)

