Македонија
Средба Гаши-Ќехаја: во фокусот, унапредување на економската соработка и инфраструктурното поврзување меѓу Македонија и Косово
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска оствари средба со амбасадорот на Република Косово во Република Северна Македонија, Флоријан Ќехаја.
Гаши оцени дека билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Косово се на високо ниво, со плодна соработка во бројни области. Тој изрази задоволство што парламентарната соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Собранието на Република Косово се карактеризира со интензивна динамика, како и уверување дека овој тренд ќе продолжи и во тековниот парламентарен состав. Осврнувајќи се на бројните билатерални средби, тој особено ја нагласи соработката меѓу пратеничките групи за соработка од двата парламента. Подвлече дека пратениците од двете земји успешно соработуваат и се поддржуваат и на мултилатерален план, во рамките на меѓународните парламентарни собранија.
Честитајќи му го изборот за претседател на Собранието на Република Северна Македонија, амбасадорот Ќехаја му посака на Гаши успех во извршувањето на оваа значајна функција и изрази очекување за продлабочување на успешната соработка. Тој изрази задоволство што Република Северна Македонија има афирмативен став за пристапувањето на Република Косово кон сите мултилатерални и регионални организации и иницијативи, како и благодарност што пратениците од Делегацијата Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа го дадоа својот глас за поддршка на членство на Република Косово во оваа организација.
Гаши и Ќехаја се осврнаа на заедничките заложби за натамошно унапредување на економската соработка и инфраструктурното поврзување меѓу Република Северна Македонија и Република Косово, при што како приоритетно беше нагласено завршувањето на патната делница Скопје-Блаце. Соговорниците ја нагласија потребата за осовременување и подобрување на капацитетите на граничните премини, со воведување на концептот на заеднички контроли, што во дополнителна мерка ќе ја олеснат комуникацијата меѓу граѓаните од двете држави и бизнис заедницата.
На средбата стана збор за претседавањето на Република Северна Македонија со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), како значаен форум за политички и дипломатски дијалог, во кој на еднаква основа се вклучени сите држави од регионот. Претседателот Гаши информираше дека во рамките на претседавањето, Собранието на Република Северна Македонија ќе биде домаќин на 11. Пленарната сесија на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, што ќе се одржи 18 до 20 јуни годинава.
На крајот од средбата, претседателот Африм Гаши и амбасадорот Флоријан Ќехаја разменија мислења за можните идни средби и состаноци меѓу пратениците од собранијата на Република Северна Македонија и Република Косово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.
Македонија
Да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари, му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, велат од СДСМ
Му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, каде завршуваат парите на граѓаните од тендерите кои ги добиваат двете омилени фирми на власта, „Пирамид билдинг“ и „Ленди груп“, велат од СДСМ.
Според оваа партија, за два месеци 96 милиони денари или 1,56 милиони евра добиле, како што истакнуваат, „омилените фирми на Орце и на ВМРО-ОКГ од Град Скопје каде тој е градоначалник“.
„20 милиони денари е тендерот за „Пирамид Б“ со склучен договор на 05.12.2026 година.
76 милиони денари е тендерот за „Ленди Груп“ со склучен договор од 28.01.2026 година.
Едни исти фирми, на централно и на локално ниво добиваат тендери и ние да им се извиниме?
Да не треба да му се извинуваме на Орце и за 56 тендери на „Пирамид билдинг“, каде е татко му на шефот на кабинет на Мицкоски, Нелоски?
Или да се извинуваме и 74 тендери на „Ленди груп“ вредни 17.5 милиони евра?
Вие да делите тендери и да се луксузирате на грбот на народот со авиони, часовници, чанти а народот кој не може да врзе крај со крај да ви се извинува?
Извини Орце, да не се малку тендери, да не треба повеќе“.
А што се однесува до чантата, следниот пат, додаваат од опозициската партија, кога ќе објавуваат слика, прво нека ја проучат разликата од таа што неговата сопруга ја носи на промоцијата со онаа којашто ја објави денеска, „очигледна е“.
„Да да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари. Веруваме да“.

