Македонија
Средба Димитров – Аселборн: Ни претстои клучен период за одлука и јасна перспектива
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во Скопје оствари средба со министерот за надворешни и европски работи на Големото Војводство Луксембург, Жан Аселборн, кој престојува во работна посета на земјава.
Главниот фокус во разговорите беше ставен на европските перспективи на Северна Македонија и очекувањата од престојниот Совет на ЕУ. МНР Димитров го запозна соговорникот со суштествените и одржливите реформи во клучните области идентификувани од страна на Советот на ЕУ во своите заклучоци од јуни 2018 година, а препознаени и потврдени во привремениот извештај од Европската комисија на 2 март 2020 година.
Димитров притоа истакна: „Ни претстои клучен период за одлука и јасна перспектива. Една латинска поговорка вели Fortes fortuna adiuvat – среќата им служи на храбрите. Поминавме период во кој презедовме храбри чекори и донесовме храбри одлуки. Имаме нова предлог-методологија за пристапни преговори, ажуриран извештај од Европската комисија што недвосмислено и јасно го препознава напредокот и ја потврдува препораката за почеток на преговорите. На ред е ЕУ да возврати со одлучен чекор во насока на заеднички успех со нашите пријатели од Европа. Благодарни сме за принципиелната, недвосмислена и конзистента поддршка од Луксембург, и особено за мудроста и искрените напори на мојот драг колега Аселборн за постигнување на европскиот консензус“.
Од страна на гостинот беше поздравена силната посветеност на Владата на Северна Македонија за спроведување реформската агенда, неопходна за забрзување на европската интеграција на земјата. Притоа го истакна донесувањето на Законот за Јавно обвинителство, како уште еден јасен сигнал за посветеноста на земјата кон европските вредности. Тој ја реафирмираше силната поддршка на Големото Војводство Луксембург за донесување одлука за отпочнување на преговорите со нашата земја во најскоро време.
Двајцата министри уште еднаш констатираа дека Северна Македонија и Луксембург негуваат блиски и отворени билатерални односи со задоволителна динамика на политички дијалог, но со потреба за интензивирање на економско-трговската соработка преку привлекување на странски инвестиции. Дополнително, беа разменети мислења и околу актуелните случувања со мигрантите на границите на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ССНМ бара зголемување на минималната плата и се приклучува на протестот на работниците
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги поддржува актуелните барања на дел од поголемите синдикатите и ќе се вклучи на протестот закажан за утре, 28 јануари.
„Оваа одлука беше донесена на состанок на Извршниот одбор со која истовремено ССНМ ги повикува своите членови да дадат полна поддршка на барањата за зголемување на минималната, но и сите плати на работниците во земјава. ССНМ смета дека приклучување на протестот на кој повикува Сојузот на синдикати и е закажан за среда од 17 часот е достоинствено демонстрирање на потребите на работниците“, смета синдикатот.
Од таму велат дека аргументите за оваа одлука се повеќе од видливи особено во медиумската индустрија која во последните години доживува континуиран пад на висината на приходите на ангажираните медиумски работници, како и на условите за работа што, во продолжение се рефлектира, и врз целокупните општествени процеси во Македонија.
Според анкетата на ССНМ и Институтот РЕСИС објавена во 2024 година, повеќе од половина од членовите на медиумската заедница заработуваат помалку од просечната месечна плата во земјава, а последните податоци говорат и дека голема е бројката (безмалку една третина) на новинари, камермани, креативни дизајнери, монтажери и останати кои од работодавачите се „држат“ на минималната плата. Со оглед на тоа дека голем дел од вработените во медиумскиот сектор се директно поврзани со оваа категорија, ССНМ бара итно зголемување на минималната плата.
„Како најголема еснафска медиумска организација во Македонија, ССНМ смета дека оваа позиција на ниско ниво на минималната плата е недозволиво, дека законски предвиденото зголемување на истата е недоволно и дека со подигнување на сумата, голем дел од нејзините членови ќе дојдат до повисоки примања и делумно ќе го анулираат инфлацискиот шок што се случува во земјава“, велат од ССНМ.
Македонија
Стоилковиќ со честитка за Свети Сава, националниот празник на Србите во Македонија
Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, го честита Свети Сава, националниот празник на Србите во Македонија.
„Во име на Министерството за односи меѓу заедниците и во мое лично име, дозволете ми да упатам искрени честитки до сите припадници на српската заедница кои живеат во земјава, а по повод одбележувањето на Свети Сава, националниот празник на Србите во РС Македонија.
Ликот и делото на свети Сава се вградени во темелите на духовноста, образованието и човекољубието и претставуваат универзални вредности што со векови ги поврзуваат народите на Балканот, придонесувајќи за заемно почитување, разбирање и соживот.
Токму врз тие вредности, РС Македонија останува цврсто посветена на унапредувањето и заштитата на правата, идентитетот и културното изразување на сите заедници, како и на јакнењето на меѓусебната доверба, дијалогот и заедничките европски вредности.
Во тој свечен дух, Ви посакувам празникот да го одбележите во мир, здравје и достоинство, водејќи се од вредностите што ги промовираше свети Сава, според кои човекот се вреднува по своите дела и придонес кон заедницата.
Честит 27 јануари, Свети Сава, националниот празник на Србите во РС Македонија!“, пишува во честитката.
Македонија
Реконструкцијата на спортската сала Расадник е при крај, следниот месец треба да се пушти во употреба, најави Мицкоски
Премиерот, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што се случува со спортската сала во Расадник, до каде е реконструкцијата, бидејќи долго време беше запуштена, изјави:
„Да благодарам, мислам дека е при крај. Мислам дека веќе следниот месец или месецот потоа најдоцна, треба и таа да се пушти во употреба, исто како што и салата во склоп на универзитетскиот кампус на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Кажа и министерката колку сѐ сали се прават. Знам дека уште три во Скопје имаме, имаме во Крушево и така натаму, сега да не навлегуваме во детали. Зборуваме за десетици нови објекти кои што се прават. Дали е тоа доволно, не е. Запуштено било долго време ништо не се правело. Дали треба уште? Да треба, и ќе правиме уште вакви проекти, бидејќи реков, најмладите, децата ни се најважни и тие ни се приоритет како Влада.“

