Македонија
Средба Иванов-Звиздиќ: Македонија и БиХ треба да го искористат вниманието што ЕУ го покажува за Балканот
Македонскиот претседател, Ѓорге Иванов, денеска го прими претседавачот со Советот на министрите на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.
Како што информираат од претседателскиот Кабинет, двајцата соговорници оцениле дека двете држави ги карактеризираат традиционално пријателски односи и идентични ставови во однос на унапредувањето на меѓународната и соработката во регионалните иницијативи. На средбата биле разменети мислења за состојбите во регионот и актуелните политички случувања во двете држави и биле потврдени заложбите за целосна интеграција во Европската Унија и во НАТО.
Претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија во континуитет го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина и нејзините напори за интеграција во ЕУ.
„Евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој. Треба да се искористи моментот кога ЕУ конечно го посветува потребното внимание кон државите од Западен Балкан за сите да напредуваме во интеграцискиот процес“, порачал на средбата претседателот Иванов.
Соговорниците размениле информации за претстојниот состанок на лидерите на земјите учеснички во процесот Брдо-Бриони, чиј домаќин ќе биде Република Македонија, при што претседателот Иванов истакнал дека овој состанок ќе биде одлична можност за продлабочена и структурирана дискусија за интензивирање на евроинтеграциите на Западен Балкан и справување со предизвиците на регионално ниво.
Македонскиот претседател изразил задоволство од унапредувањето на договорната состојба меѓу двете држави и го поздравил потпишувањето на спогодбата за патување на граѓаните од двете земји со биометриски лични карти. На средбата била искажана и подготвеност за натамошно продлабочување на билатералните односи и била посочена потребата од подобрување на инфраструктурното поврзување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

