Македонија
Средба Муцунски – МАТТО: Потврдена одличната соработка помеѓу Македонија и Турција во делот на бизнисот и економијата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија денеска оствари средба со претставници на Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО), односно со претседателот на Комората, Aјдован Адемоски, заменик-претседателот Марија Томеска и заменик-претседателот Есер Џевахир.
Како што известуваат од Министерството, на средбата била потврдена одличната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Турција во делот на бизнисот и економијата, со надеж дека таа ќе продолжи и во следниот период, а активностите ќе бидат насочени кон понатамошно мотивирање нови странски компании, кои ќе инвестираат во Република Северна Македонија.

На средбата од страна на министерот Муцунски беа претставени преземените надлежности и одговорности на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во делот на странските инвестиции нагласувајќи дека Министерството во иднина ќе претставува вистински сервис на компаниите што ќе одлучат да инвестираат во државата.
Имајќи го предвид постојниот договорот за слободна трговија, двете страни го потврдија значењето на трговската соработка помеѓу двете земји и притоа ја нагласија важноста што таа ја има за двете економии.

Од страна на претставниците на Стопанската комора беше истакнато дека МАТТО претставува сервис на турските инвестиции во нашата држава, притоа од нивна страна беа презентирани активностите што се планирани во следниот период, како и можноста за организација и посета на бизнис-форуми, каде што ќе бидат претставени можностите за инвестирање во Северна Македонија, соопшти Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски го посети штандот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“: Информативни табли со QR-код за брзо плаќање
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска го посети штандот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, каде што заедно со директорот Душко Коцевски разговараа за новите услуги и иновации во системот за паркирање.
Коцевски го информираше Герасимовски дека на новите информативни табли на ПОЦ е поставен QR-код со директен линк, што овозможува едноставно и брзо плаќање на паркинг услугата со платежна картичка, без потреба од регистрација или испраќање SMS порака.
„Одличен потег на ЈП ПОЦ за модернизација и поефикасно паркирање во општината. Ги следиме модерните трендови за побрзи и електронски достапни услуги со кои корисниците ќе можат полесно и поедноставно да ги користат услугите“, истакна Герасимовски.
На информативниот штанд беа промовирани и нови типови паркинг-карти достапни на веб-страницата www.poc.mk, како што се мултинеделната карта и гостинските паркинг-карти, кои нудат поголема флексибилност и ефикасност при користење на паркинзите во општина Центар.
Македонија
Минчев-Сулстром: Целта е да изградиме јавна администрација која е сервис на граѓаните, професионална, транспарентна и насочена кон резултати
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска оствари протоколарна средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Македонија, Ола Сулстром. На средбата, Минчев и Сулстром разговараа за можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји во областа на јавната администрација и зајакнувањето на институционалните капацитети.
Министерот изрази благодарност за континуираната поддршка на Кралството Шведска во реформските процеси и потенцира дека овие партнерства се од суштинско значење за унапредување на квалитетот на јавните услуги и институционалната ефикасност.
„Нашата цел е да изградиме јавна администрација која е сервис на граѓаните, професионална, транспарентна и насочена кон резултати. Поддршката од нашите меѓународни партнери, како што е Шведска, е од големо значење во овој процес на модернизација и институционална зрелост“ изјави Минчев.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за понатамошна соработка, размена на искуства и спроведување на заеднички проекти во областите на модернизација на јавниот сектор, управувањето со човечките ресурси, транспарентноста, отчетноста и примена на добри европски практики.
Министерството за јавна администрација, велат од таму, ќе продолжи активно да работи на воспоставување и јакнење на партнерства со земјите членки на Европската Унија, со цел приближување на стандардите и вредностите на европското управување.
Македонија
Општина Центар: Нови услуги за полесно паркирање
Во насока на подобро информирање на граѓаните и зголемување на достапноста на услугите, денес беше реализирана информативна акција во населбата Капиштец – пред Т.Ц. Беверли Хилс, на која на граѓаните им беа поделени информативни материјали и производи со цел подобро запознавање со новитетите во системот на ЈП Паркинзи на Општина Центар.
Граѓаните, како што посочуваат од општината, имаат можност да користат нови типови на паркинг-карти кои се достапни на веб-страницата www.poc.mk, како што се мулти-неделната карта и гостинските паркинг-карти, кои нудат поголема флексибилност и ефикасност при користење на паркинзите во општина Центар.
Мулти-неделната паркинг-карта се купува онлајн, без потреба од физичко присуство на шалтер. Оваа карта важи седум дена и овозможува паркирање на сите комерцијални паркиралишта од отворен тип во зона 1 и зона 2. Воведени се и гостински паркинг-карти, наменети исклучиво за жителите на општина Центар со активен кориснички договор. Тие им овозможуваат на жителите полесно да им обезбедат паркинг-место на своите гости. Овие карти важат и за комерцијалните и за резидентните отворени паркиралишта во секторот каде што живее корисникот.
Најновата услуга што ЈП ПОЦ ја воведе е онлајн плаќање со платежна картичка без потреба од најава, апликација или регистрација. На информативните табли на паркинзите е поставен QR-код и директен линк што води до страницата за плаќање, со што процесот е едноставен, брз и достапен за сите корисници.
На настанот присуствуваа градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, и директорот на ЈП ПОЦ, Душко Коцевски, кои остварија средби со жителите и ги запознаа со новите услуги.
„Со воведувањето на новите типови паркинг-карти, како мулти-неделната и гостинската, овозможуваме граѓаните да имаат поголема контрола и удобност при користење на нашите паркинг-услуги. Целта ни е системот да биде практичен, дигитален и прилагоден на реалните потреби на жителите на Центар,“ изјави Душко Коцевски, директор на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.
„Како локална самоуправа, континуирано инвестираме во дигитални решенија кои им го олеснуваат секојдневието на граѓаните. Со новиот начин на онлајн плаќање и модернизацијата на паркинг-системот, правиме значаен чекор кон поквалитетни, побрзи и потранспарентни јавни услуги. Центар ќе продолжи да биде пример за општина што ги користи технологијата и иновациите во служба на граѓаните,“ изјави Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар.

