Македонија
Средба на Заев – Крстиќевиќ: Добредојде за Македонија во семејството на НАТО
Премиерот Зоран Заев денеска сретна со Дамир Крстиќевиќ, потпретседател на Владата на Република Хрватска и министер за одбрана. На средбата е пренесена поддршка од хрватската Влада за интеграцијата на Република Македонија во НАТО, со најава дека Хрватска ќе го потпише протоколот за членство на нашата држава во алијансата и е изразено добредојде за нашата земја во семејството на НАТО. Исто така, најавена е и поддршка од Хрватска за земјава во јуни да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.
Пренесени се честитки до премиерот Заев, од хрватскиот колега премиерот Андреј Пленковиќ и од Владата во Хрватска, за постигнатиот договор во Преспа, како победнички билатерален договор, но и за регионот и за Европа. Оценето е дека договорот е пример и за меѓународната заедница, како се решаваат сложени отворени прашања. Во таа насока, поздравени се политиките на премиерот Заев, со коишто се смета дека ја понел на себе одговорноста за иднината на нашата земја која наскоро ќе го носи името Република Северна Македонија.
Претседателот на Владата, Заев, се заблагодари за големата и континуирана поддршка што ја имаме од Хрватска и најави дека нашата држава е подготвена да ги земе предвид сите позитивни искуства од Хрватска, како во делот на одбраната, така и во сите други области за коишто ќе се појави потреба со отворањето на поглавјата за преговори со ЕУ.
„Живееме историски моменти“, оцени премиерот Заев пред утрешното потпишување на Република Македонија и земјите членки на НАТО, на протоколот за пристапување на земјава во алијансата.
Претседателот на Владата, Заев, рече дека за нашата држава, како и за регионот и за земјите членки, НАТО значи стабилност, сигурност и безбедност и дека очекува тоа да ги отвори економските перспективи на државата.
„Ги правиме и сите неопходни реформи во безбедносните служби, во борбата против корупцијата, во правосудниот систем, јавната администрација и очекуваме и Европскиот совет во јуни да донесе позитивна одлука и да ги отвориме поглавјата. Овој тренд на позитивни промени фокусирани сме да повлече и бројни инвестиции, што ќе придонесе во квалитетот на живот на граѓаните, како и за задржување на младите, како моторна сила, во државата“, рече премиерот Заев.
На средбата е заеднички констатирано дека Република Македонија и Република Хрватска се две пријателски земји, без отворени билатерални прашања и дека сите актуелни позитивни процеси отвораат големи можности за развој на меѓусебната економската соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

