Македонија
Средба на министерот Спасовски со новоименуваната амбасадорка на Елинската Република во земјата

Денеска, во Министерството за внатрешни работи се одржа работна средба помеѓу министерот Оливер Спасовски и новоименуваната амбасадорка на Елинската Република, г-ѓа Софија Филипиду, придружувана од полицискиот аташе во Амбасадата, Јанис Факас.
На средбата двете страни изразија задоволство од досегашната одлична соработка, со акцент на партнерството помеѓу двете министерства, кое изминативе години, особено за време на миграциската криза, но и во периодот по неа, се покажа дека е од голема важност.
Од страна на новоименуваната амбасадорка на Елинската Република, Софија Филипиду, беше реафирмирана поддршката што Елинската Република ѝ ја дава на Република Северна Македонија во сите домени, особено во евроинтегративниот процес, и беше изразена подготвеност за нејзино натамошно интензивирање и продлабочување, особено во делот на безбедноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Дали „Алказар енерџи“ има дозвола за градба

СДСМ денеска на прес-конференција обвини дека во енергетскиот сектор се случуваат нетранспарентни зделки и побара од ВМРО-ДПМНЕ да одговори дали компанијата „Алказар енерџи“ поседува одобрение за градба.
Пратеникот Јовица Јанковиќ истакна дека јавноста не знае ништо за најавените инвестиции во енергетиката, кои, според ВМРО-ДПМНЕ, тежат над 1.5 милијарда евра. СДСМ побара конкретни информации за јавниот интерес, цената на струјата и бенефитот за граѓаните.
Јанковиќ рече дека државната ЕСМ произведува сѐ помалку струја, додека приватни компании како „Казанџи“ и „Алказар“ добиваат поголем удел, со што, според СДСМ, се загрозува јавниот интерес.
СДСМ повторно побара јавно објавување на дозволата за градба за „Алказар енерџи“ и повика надлежните институции да го истражат случајот.
Македонија
Мицкоски: Имаме 16 нови авиолинии, за повеќе од 20 проценти е зголемен број на странски туристи

Апсолутно сум задоволен. Имаме 16 нови дестинации. Буџетот за субвенционирање е зголемен на 250-260 милиони денари оваа година, а истиот ќе биде и следната година. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на субвенционираните летови.
Премиерот рече дека резултатите се видливи и во секторот туризам, бидејќи како што посочи за повеќе од 20 проценти е зголемен бројот на странски туристи во државата во првите 5 месеци од годината.
„Впрочем резултатите се гледаат и во секторот туризам, имаме повеќе од 20 проценти зголемен број на странски туристи во првите 5 месеци од годината. И ова се субвенции на доаѓање, практично на тие летови, не на заминување, и во таа насока ќе продолжиме и во периодот кој што следи“, нагласи Мицкоски.
Македонија
Петрушевски: Коцевски е штит на Сoцијалдемократскиот сојуз, делегитимиран и без интегритет

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција изјави дека главниот обвинител Љупчо Коцевски избрал да биде штит на Социјалдемократскиот сојуз, а тие, како што рече, го бранат по секоја цена за да не одговараат за, според него, бројните криминали изминатите седум години.
Петрушевски истакна дека Коцевски нема легитимитет и дека со поддршка под 2 отсто од граѓаните, со интерпелација и барање од пратениците, сепак не си поднесува оставка.
Тој додаде дека, според ВМРО-ДПМНЕ, столбот на криминалот на опозициската партија е во обвинителството, и таа јавно застанала во одбрана на Коцевски за да ги заштити поранешните функционери.
Пратеникот рече дека главниот обвинител е целосно делегитимиран и нема интегритет за функцијата.