Македонија
Средба на министрите за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Република Бугарија, Спасовски и Демерџиев
Денеска, во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија во Скопје, министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, оствари работна средба со министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Иван Демерџиев.
Двајцата министри ја потенцираа одличната соработка меѓу полициите на Република Северна Македонија и Република Бугарија, што е еднакво важно како за министерства за внатрешни работи на двете земји така и за двете држави, но и за регионот. Министрите Спасовски и Демерџиев ја потврдија посветеноста на унапредувањето и продлабочувањето на билатералната и оперативната соработка во насока на зајакната регионална соработка како еден од главните приоритети, особено во делот на сузбивање на организираниот криминал, трговијата со луѓе, недозволената трговија со дрога, шверцувањето мигранти и справувањето со илегалната миграција. Во насока на добрата соработка меѓу двете полиции беа посочени и заедничките вежби на специјалните единици на двете земји, кои минатата година беа во Софија и во Охрид.
Особено е важно, потенцираа двајцата министри, одржувањето редовни директни контакти, со цел да си помогнеме едни на други, а во насока на решавање какви било безбедносни предизвици.
„Оваа средба ја реализираме на неколку дена пред чествувањето на роденденот на Гоце Делчев на 4 февруари во услови на зголемени тензии и разни најави за евентуално нарушување на јавниот ред и мир. Сакам да потенцирам, да упатам јасна порака дека македонската полиција ги презема сите неопходни мерки и активности и дека апсолутно нема да дозволиме никаков инцидент, односно ќе имаме чествување како што му прилега на нашиот великан Гоце Делчев“, рече министерот Спасовски.
Министерот Демерџиев потенцира дека бугарското Министерство за внатрешни работи ќе ги преземе сите мерки за да се избегнат провокации на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев. „Работиме превентивно за да нема проблеми. Ќе направиме сè што е неопходно од бугарска страна за чествувањето да помине како што треба. Да не дозволиме поединци да палат оган таму каде што го нема. Исто така, очекувам целосно расчистување на нападот врз Пендиков и виновниците да бидат казнети. Само со адекватни казни ќе спречиме слични случаи во иднина“, рече министерот Демерџиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

