Македонија
Средба на министрите за здравство во Атина: Потребен е брз проток на границите и лесен пристап до здравствените услуги
Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче денеска во Атина оствари средба со министерот за здравство на Република Грција, Василис Кикилиас на која разменија искуства за пристапот во лекување и превенција од ширење на коронавирусот, како и предизвиците со кои се соочуваат двете земји за време на пандемијата.
Повод за средбата на двајцата министри беше најавата за отворање на границите во Европа и регионот за што е потребно да се подготват усогласени протоколи за патување во регионот. Овие протоколи треба да го олеснат и забрзаат транзитот на патници.
Министерот Филипче по средбата истакна дека разговорот поминал во исклучително позитивна атмосфера каде и двајцата се согласиле дека е потребно да се обезбеди брз проток на границите кои се исклучително оптоварени во текот на летото и да се обезбеди лесен пристап до здравствени услуги на граѓаните доколку евентуално се случи да бидат заболени од коронавирусот во текот на престојот во Грција и Северна Македонија.
Во текот на следната недела двете земји ќе ги подготват предлог протоколите кои потоа ќе бидат усогласени и потпишани. Исто така, овие протоколи ќе бидат разговарани и со другите соседни земји со цел унифициран пристап и услуги во регионот кој значително ќе им го олесни движењето на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одбраната на министерот Шабан Салиу, обвинет како поранешен директор на ДЗС ќе даде воведни зборови, ново судење за „Пулс“
Судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ од кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени продолжува денес во судницата во Идризово со воведни зборови од одбрана на поранешните директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Пред крајот на рочиштето за „Пулс“ што се одржа минатата недела судијката Диана Груевска-Илиевска ја повика одбраната на Шабан Салиу за воведни зборови, но откога неговиот адвокат кажа дека има долг воведен збор го прекина судењето и најави дека на денешното рочиште ќе ја слушне одбраната на сите обвинети поврзани со Дирекцијата за заштита и спасување.
Шабан Салиу е актуелен министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата на Ромите 2022-2030 Тој е обвинет како поранешен директор на дирекцијата за заштита и спасување. На таа функција Салиу беше од 2088 до 2017 година.
На листата обвинети поранешни директори на Дирекцијата се и Аднан Џафероски кој директорувал од 2017 до 2020, Беким Максути кој бил директор на ДЗС од 2020 до 2024 година и Џеват Селами кој беше назначен за директор на ДЗС во август 2024 година и беше на функцијата кога се случи трагедијата во Кочани.
Како инспектор во Дирекцијата меѓу обвинетите е Љупчо Грнчиштанов.
По воведните зборови од бранителите на вработените во ДЗС следуваат воведните зборови од одбраната на поранешните министери за економија и на врабптените во Министерството за економија.
Македонија
НБРМ: Во тек е конкурсот за годишната награда за млади истражувачи на Народната банка
Народната банка ги потсетува младите истражувачи дека е отворен Конкурсот за Годишната награда за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2026 година. Наградата има за цел да го поттикне развојот на научната мисла и изработката на квалитетни истражувачки трудови во овие области, како и да ги афирмира младите стручни кадри.
Право на учество имаат државјаните на Република Северна Македонија до 35-годишна возраст. Трудовите треба да содржат осврт на македонската економија и да не надминуваат 80.000 карактери, со препорачана стандардна научна структура. Може да се конкурира и со веќе објавени трудови, но не пред 1 јануари 2024 година.
Пријавувањето се врши електронски, на е-адресата: [email protected], во ворд-формат, со назнака „За Годишната награда на Народната банка“. Авторите доставуваат и кратка биографија. Сите трудови се третираат како доверливи материјали, соопштиваат од НБРМ.
„Еден автор може да поднесе само еден труд, на македонски, албански или на англиски јазик.
Трудовите ќе се вреднуваат според повеќе критериуми, вклучително и според релевантноста на темата, квалитетот на анализата, методолошкиот пристап и јасноста на заклучоците.
Крајниот рок за доставување е 1 февруари 2026 година. Годишната награда за прворангиранот труд изнесува 130.000 денари, додека за второрангираниот е 65.000 денари.
Конкурсот е достапен на веб-страницата на Народната банка на следнава врска: https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-soopstenie-17062025-2.nspx“.
Македонија
Герасимовски: Нов буџетски форум, со центарци денеска ги дефинираме приоритетите за 2026
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повикува сите жители да присуствуваат на буџетскиот форум за 2026 година, кој ќе се одржи денеска, 10 декември, во 19:00 часот, во ООУ „Димитар Миладинов“.
Форумот претставува можност граѓаните директно да се запознаат со општинските политики, да предложат проекти и идеи што ќе придонесат за подобрување на условите за живеење и да бидат дел од оформувањето на буџетот за наредната година, известуваат од Општината.

„Заедно со граѓаните реализиравме голем број успешни и значајни проекти, а така ќе биде и во наредниот период. Ги поканувам центарци да ги дефинираме приоритетите што ќе придонесат за развој на нашата општина,“ истакна Герасимовски.
На форумот ќе учествуваат раководителите од општинската администрација, претставниците на месните и урбаните заедници, претставници на невладиниот сектор, како и сите жители што сакаат активно да учествуваат во формирањето на општинскиот буџет.
Општина Центар останува посветена на транспарентно, отчетно и инклузивно донесување одлуки, со цел да се обезбедат проекти што ги одразуваат реалните потреби на заедницата, се додава во соопштението на Општината.

