Македонија
Средба на Муцунски со европратеникот од Европскиот парламент, Томас Вајц, нагласена потребата од продлабочување на соработката

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со европратеникот и известител од Европскиот парламент, Томас Вајц, при што беше разговарано за напредокот на државата во процесот на европска интеграција, идните чекори во пристапниот процес, како и можностите за зајакнување на соработката со Европскиот парламент.
Од страна на министерот Муцунски беше потенцирана цврстата посветеност на Владата за напредок на европскиот пат преку спроведување стабилен реформски процес во клучните области, зајакнување на економските капацитети и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Посебен акцент беше ставен на значењето на добрососедските односи, при што министерот ја потенцираше заложбата на државата за нивно континуирано унапредување врз основа на принципите на меѓусебна почит и градење доверба.
Министерот Муцунски се заблагодари за неговата досегашна работа и отворената соработка во насока на промоција на евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија. Двајцата соговорници го нагласија значењето на одржување конструктивен дијалог со Европскиот парламент на сите нивоа, како и потребата од продлабочување на соработката, со цел унапредување на заедничките интереси и обезбедување континуирана поддршка за европската перспектива на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изменет сообраќаен режим во наредните четири дена во Скопје кај кањонот Матка-реката Треска

Секторот за внатрешни работи Скопје ги известува граѓаните дека поради одржување на Европските младински игри Скопје 2025 во кајак на реката Треска-кањон Матка, ќе биде воведен посебен сообраќаен режим во тој дел од градот Скопје и тоа во понеделник, вторник и среда од 08 до 14 часот, а во четврток од 08 до 16.30 часот.
„Апелираме до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници, со цел да се обезбеди безбедно одвивање на сообраќајот“, велат од МВР.
Македонија
(Видео) Спасувачка мисија на полицискиот хеликоптер во струмичко

Вчера полициски хелиокптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици дејствуваше на пожар во Василево, село Нивичино.
Поради разгорување на пожарот и опасност кон викендици и лица што дејствуваат во гаснење на пожарот полицискиот хеликоптер со прецизни налети дејствуваше во близина на патот и објектите кои што беа обиколени со пожар за да се обезбеди безбеден премин и да можат екипите од терен на безбедно да извршат евакуација на загрозените лица и да се повлечат на безбеден терен.
Македонија
Следува период на многу топло време со температури над 40 степени

Времето денеска ќе биде претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од западен и југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 33 до 40 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 40 степени.
Времето во наредните денови
Во текот на новата работна седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Дневната температура на повеќе места ќе надминува 35°C, а наместа и 40°C.