Македонија
Средба на Пендаровски со Ердоган – Односите меѓу двете земји се пријателски и цврсти
Претседателот Стево Пендаровски денеска во Анталија оствари средба со Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во рамки на неговата работна посета на Турција, а по повод учеството на Самитот на Претседатели на држави и влади на членките на Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа и учеството на Анталија дипломатскиот форум.
Претседателите Пендаровски и Ердоган на средбата изразија задоволство од долгогодишното партнерство меѓу двете држави и од позитивниот тренд во развојот на билатералните односи и соработката во повеќе сфери од заемен интерес.
Пендаровски како што информираат од неговиот кабинет посочил дека и во услови на пандемија одржувањето редовен политички дијалог покажува дека односите меѓу двете земји се пријателски и цврсти. Тој искажа благодарност за укажаната целокупна турска медицинска помош која пристигнуваше во нашата земја уште од првите мигови по прогласувањето на пандемијата. Во тој контекст, претседателот Пендаровски се заблагодари и за 30.000 вакцини, коишто беа испорачани неодамна.
На средбата, Пендаровски нагласил дека македонскиот интерес за развој на односите и соработката со Турција е константен, а кон тоа придонесува и блискоста на двата народа.
Во овој контекст, претседателот Пендаровски истакна дека Турција за Северна Македонија претставува еден од најважните економски партнери и дека сме подготвени за целосно подигнување на нивото на соработка, како во трговските врски, така и во делот на турските инвестиции во нашата земја.
Пендаровски изразил очекување дека во наредниот период двете држави ќе се фокусираат што е можно повеќе на економската соработка, како битен сегмент не само за подобрување на севкупните односи, туку и полесно надминување на економските последици предизвикани од Ковид-19.
На средбата било констатирано дека, како сојузници во НАТО, кои имаат и обврска да ги промовираат вредностите на Алијансата, Северна Македонија и Турција делат заеднички погледи во однос на потребата од зачувување на мирот и стабилноста во регионот, преку градење на добрососедски односи и унапредување на регионалната соработка. Притоа, претседателот Пендаровски посочи дека имаме и заеднички погледи во однос на потребата да се избегнуваат конфликтите и предност да се дава на дијалогот како средство за решавање на отворените прашања.
Соговорниците разговарале и за предизвиците поврзани со миграцијата од Блискиот Исток и Северна Африка, при што претседателот Пендаровски ја истакнал важната улога на Турција, подвлекувајќи дека со својот придонес во справувањето со ова прашање, Турција е значаен фактор кој ја чува стабилноста на сите земји на Балканската миграциска рута.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

