Македонија
Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со кралот на Јордан, Абдула Втори
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на состанокот на шефови на држави и влади „Акаба Процес Балканот III” во Софија, оствари средба со кралот на Хашемитското Кралство Јордан, Абдула Втори.
Сиљановска-Давкова ја реафирмираше заложбата за унапредување на вредностите на дијалогот, почитувањето на културната разноликост и регионалната соработка како неопходни предуслови за стабилна и просперитетна Европа.
Во разговорот, беше потврдена блискоста меѓу двете земји, токму во година кога се одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Претседателката нагласувајќи ја симболиката и значењето на оваа годишнина како поттик за натамошно продлабочување на билатералната соработка, упати покана до кралот Абдула Втори за посета на нашата држава.
Обајцата се согласија за важноста од продлабочување на културната и образовната размена, како и за интензивирање на соработката во областа на стабилизацијата на регионот на Блискиот Исток.
Претседателката изрази длабоко почитување за дипломатските напори на Јордан во постигнувањето на мировниот договор меѓу Израел и Хамас, притоа потенцирајќи ја улогата на Хашемитското Кралство како столб на стабилност и разум.
На крајот, таа ја нагласи потребата од темелна реформа на Обединетите Нации, организација којашто, според неа, мора да ја врати својата првична мисија и да има примарна улога во изнаоѓањето мировни решенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

