Македонија
Средба Тошковски – Вал: Сериозна посветеност на модернизација и професионализација на полициската служба

Денеска, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во Министерството за внатрешни работи оствари работна средба со амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал.
Тошковски се заблагодари за постојаната поддршка и посветеност на Мисијата на ОБСЕ во напорите за модернизација на полициската служба, особено во делот на професионалното полициско работење, проекти за обука на полициските службеници и модернизирање на опремата. Тошковски ја потенцира решителноста за ефикасна борба против организираниот криминал и високата корупција како еден од основните столбови на новата Влада, како и потребата од градење модерна полициска служба, која доследно ќе ги следи начелата на демократско полициско работење, но и служба што ќе се базира на начелото на заслуги и интегритет.
Осврнувајќи се на неколку поенти како главен фокус на активностите на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Вал ги потенцира посветеноста и заложбата на Мисијата на оваа меѓународна организација за унапредување на работните процеси во министерството, во содејство помеѓу МВР и Мисијата на ОБСЕ. Тошковски и амбасадорот Вал потенцираа дека и во иднина соработката и комуникацијата ќе биде на високо ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Синоќа повторно предизвикан пожар во „Дрисла“

Синоќа пред 23.00 часот повторно беше предизвикан пожар во депонијата Дрисла, на сосем друго место, подалеку од местото кое беше активно претходните денови, соопшти директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.
„На лице место веднаш се упатија скопските пожарникари кои започнаа со гаснење но поради спецификата на пожарот беше потребно истовремено затрупување на опожарената површина поради што се активираа градежни машинити кои веќе беа таму со тоа што брзо пристигнаа нивните возачи“.
Еден час подоцна, појаснува Ангелов, пожарот бил изгаснат и затрупан со што како што нагласува, е спречено ширење на огнот во главнината на депонијата.
Македонија
„Марш за Ангелите” во Кочани и мирен протест во Скопје: шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс“

Денеска се навршуваат шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс” во Кочани, во која животот го загубија 62 млади лица. По тој повод, родителите на починатите организираат „Марш за Ангелите”.
Маршот ќе почне во 15:35 часот од „Паркот на Револуцијата“ и ќе се одвива по веќе востановената маршрута – општинска зграда, УЈП, полиција, кочанскиот суд и обвинителство, а ќе заврши повторно во „Паркот на Револуцијата“.
Од иницијативата „Кој е следен“ повикуваат на мирен собир на плоштадот во Скопје. Собирот е најавен за во 20 часот и 16 минути.
„Ова не беше несреќа. Не беше трагедија. Беше масакр. Свирепо убиство од страна на дисфункционалните институции и партискиот картел. Не смееме да отрпнеме. Болката мора да ја почувствуваме сите заедно. Таа болка треба да не разбесни и да не поттикне на акција. Вистинската борба за живот или смрт е токму борбата за Кочани“, велат организаторите.
Семејствата на загинатите преку „Марш на ангелите“ во Кочани секоја сабота веќе шест месеци бараат одговорност и правда за нивните деца, а протести се организираа и во други градови.
Македонија
Изгаснат е тежок пожар пред Пинтија, под контрола се пожарите во „Дрисла“ и Трубарево, активен е пожарот на Кожуф

Рано утрово пред четири часот изби тежок пожар во сервис за возила пред Пинтија (над Стаклара во местото наречено Каменик) во кој имаше повеќе автомобили, уље и други запаливи предмети, информира утрово директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Тој додаде дека БППЗ Скопје веднаш излегле на лице место и со 8 возила после тешка борба со огнот, пожарот бил изгаснат пред 6.00 часот.
Според последните информации од ЦУК до 07:00 часот утрово на територијата на Р.С.Македонија има вкупно 13 пожари на отворен простор, од кои 1 е активен, под контрола се 2 пожари, а изгаснати се 10 пожари.
Активни: 1
1. Општина Гевгелија: Кожуф планина кај с. Петрово (приземен пожар, лисна маса);
ПОД КОНТРОЛА: 2
1. Општина Студеничани: Депонија Дрисла (ѓубре);
2. Општина Гази Баба: с. Трубарево (електричен отпад);
Изгаснати: 10
1. Општина Пробиштип: нас. Калниште – с. Добрево (висока дабова шума и нискостеблеста вегетација);
2. Општина Кочани: м.в. Царев Врв, Осоговски Планини (ниска вегетација и стрништа);
3. Општина Шуто Оризари: ул. Нов Живот (ѓубре);
4. Општина Гази Баба: ул. Перо Наков (ѓубриште);
5. Општина Студеничани: с. Горна Количани (ниска вегетација);
6. Општина Врапчиште: с. Неготино (ниска вегетација);
7. Општина Долнени: с. Лажани (ниска вегетација);
8. Општина Демир Хисар: Грејшки Пат (ниска вегетација);
9. Општина Куманово: градски гробишта (ниска вегетација);
10. Општина Липково: с. Оризаре (стрниште).