Македонија
Средба Џафери – Ангелов: Добрососедски односи и успешна соработка во НАТО и на патот кон ЕУ
Претседателот на Владата Талат Џафери, се сретна со амбасадорот на Република Бугарија во земјава, Ангел Ангелов.
На состанокот е констатирано дека можноста за двојна средба во една недела – денешната билатерална, по понеделничката заедничка средба со амбасадори на држави членки на ЕУ, ја покажува волјата од двете страни за унапредување на добрососедските односи, како што доликува на држави со европска ориентација. Се разговараше за актуелни прашања од значење за Северна Македонија и Бугарија, за билатералната соработка, како и за одржувањето на стабилноста во регионален и во поширок, европски контекст. И во таа насока, се потенцираше важноста на истакнувањето позитивни примери и позитивни наративи од двете држави, што оди во прилог на јакнење на меѓусебната доверба, како интерес на граѓаните и придонес во европското поведение на регионот.
Џафери истакна дека Република Северна Македонија е цврсто определена за дијалог помеѓу државите, што води кон пријателство и заемно почитување на достоинството и изрази очекување дека Северна Македонија и Бугарија ќе имаат можност за неколку години да соработуваат успешно и во Европската Унија, како што тоа сега го прават во рамките на НАТО.
На средбата, од двете страни беше реафирмирана политичката волја за имплементација на меѓусебно преземените договорни односи, и во тој контекст, премиерот Џафери ја реафирмира посветеноста и на Владата кон реализирање на уставните измени во насока на продолжување на евро-интеграцискиот пат на земјата. Воедно, беше потврдена взаемната потреба од продолжување на политичкиот дијалог на сите нивоа и во текот на 2024 година, независно од изборите во нашата држава и претстојната промена на премиер во Бугарија. Како позитивен пример во таа насока, беше посочена н посетата на претседателот на Националното Собрание на Бугарија, Росен Жељазков, минатиот ноември, со кого премиерот Џафери оствари средба од позиција на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај низ државата по влажни коловози, слаб снег на Попова Шапка и Ѓавато
Од 12 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Стар Дојран, ГП Богородица и ГП Меџитлија. Од 12:20 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Ќафасан и ГП Блато, извести АМСМ.
Од 12:00 часот пред ГП Долно Блаце започнат е протест на превозници со тешки моторни возила, поради што товарниот сообраќај кон ГП Долно Блаце се пренасочува кај БП Дизел, а останатиот сообраќај се одвива нормално. Од 12 часот отпочнати се блокади и на ГП Деве Баир, ГП Делчево и ГП Ново Село, велат од АМСМ.
Сега засега блокиран е само сообраќајот за ТТВ за излез од државата додека за останатите категории на возила се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено,по влажни коловози. Снег со слаб интезитет паѓа на Попова Шапка и Ѓавато кој во моментов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Карпош и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани прекини и тоа:
– во периодот од 08:30 до 15:00 часот, корисниците на улицата Ордан Поп Јорданов. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на улицата Римска. (општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен дожд
Претпладне променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

