Македонија
Средба Џафери – Бас: разговарано за надминување на спорот со Бугарија
Во политичкиот дел на Програмата за парламентарна поддршка на Собранието, финансирана од швајцарската амбасада и имплементирана од НДИ, а со цел продолжување на процесот за осамостојување на собраниското обезбедување, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, и делегацијата од Собранието, во чиј состав се координатори на пратеничките групи, оствари средба со претседателката на германскиот Бундестаг, Бербел Бас.
На средбата Џафери се заблагодари за постојаната и континуирана поддршка на Бундестагот во последните 5 години преку споделување искуствата во сферите во кои беа потребни реформи во насока на осaмoстојување на законодавната власт во Република Северна Македонија, при што и со оваа студиска посета се покажа дека Бундестагот е подготвен да го поддржи заокружувањето на процесот на независност на Собранието.
Во однос на мултилатералната сорботка во рамките на НАТО, Бас ги поздрави усвојувањето на декларацијата за Украина и приклучувањето на Република Северна Македонија на санкциите против Руската Федерација иако не е членка на ЕУ, чекор со кој повтроно се покажува зрелоста на државата и нејзината јасна определба за членство во Унијата. Во овој контекст Џафери искажа увереност дека државата ќе добие датум за отворање на пристапните преговори со Унијата на самитот во јуни. Претседателката Бас одговори дека и на лично и на институционално ниво ќе стори сѐ за да се реализира оваа заложба и се осврна на билатералното прашање со Бугарија искористувајќи ја директната средба за да постави конктерни прашања во врска со билатералниот спор.
Џафери информира за повеќе аспекти на наметнатиот билатерален спор од страна на Бугарија и покрај потпишаниот договор за добрососедство и нагласи дека недозволливо е за една држава да влијае или да му укаже на друг народ какво лично, национално или јазично чувство треба да има затоа што ваквото чувство не е предмет на договор, дополнително, никој не успеал да ја поправи или смени историјата, но многумина успеале да се надминат себеси и да се свртат кон иднината.
Соговорниците се согласија дека пријателите треба да разговараат директно и отворено, во насока на што Џафери упати покана за официјална посета на Бас на Македонија, а таа ја прифати со задоволство и истакна дека штом ѝ дозволи календарот за работа на Бундестагот, ќе ја реализира посетата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

