Македонија
Средба Џафери – Мекачи: Понудена соработка во измените на Изборниот законик
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска оствари средба со директорот на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОБСЕ/ОДИХР), Матео Мекачи.
Соговорниците изразија задоволство од плодната соработка и активниот дијалог меѓу Северна Македонија и ОБСЕ/ОДИХР во повеќе сфери, а пред сè, континуираната поддршка на нашите напори за организирање слободни и фер избори.
Џафери истакна дека Северна Македонија високо ја цени улогата на ОБСЕ/ОДИХР како клучна платформа за заштита на демократските стандарди во регионот на ОБСЕ, а од особено значење е набљудувањето на изборните процеси во земјата почнувајќи од парламентарните избори во 1998 година. Тој потсети дека Собранието на Република Северна Македонија уште од 1993 година активно учествува во работата на Парламентарното собрание на ОБСЕ и информира дека собраниски делегации учествуваа во мисиите на ова Парламентарно собрание за набљудување на парламентарните избори во Бугарија минатата година, а ќе ги набљудуваат и претстојните избори во Србија и во Унгарија. Се осврна и на соработката со ОБСЕ за зајакнување на парламентарната независност, надзорната функција и демократската улога, како и промовирањето на родовата еднаквост. Укажа дека во тек се изготвување предлог-измени на Деловникот на Собранието од родов аспект и на Етичкиот кодекс за пратениците за што се добиени правни мислења од ОДИХР.
Во врска со состојбата во Украина, претседателот Џафери оцени дека ОБСЕ може да понуди ресурси и механизми за ублажување на тензиите и обновување на каналите на комуникација за мирно и дипломатско завршување на војната.
Директорот на ОДИХР, Матео Мекачи, истакна дека како поранешен пратеник и член на Парламентарното собрание на ОБСЕ, со задоволство остварува средби со парламентарците и се залага за унапредување на соработката меѓу ОДИХР и националните парламенти. Тој изрази задоволство од одличната соработка меѓу ОДИХР и ПС на ОБСЕ, особено во доменот на набљудувањето на изборите. Г. Мекачи се осврна на правните мислења подготвени од ОДИХР за предлог-етичкиот кодекс за пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и за родовата еднаквост и понуди идна соработка во врска со измените на Изборниот законик. Нагласи дека ОДИХР во рамките на својот мандат може да ги разгледува предлозите на закони за да ја процени нивната усогласеност со меѓународните стандарди за човекови права и да даде конкретни препораки за подобрување. Претседателот Џафери оцени дека изборниот модел не треба да се менува без постигнат консензус и укажа дека голем дел од препораките на ОДИХР се веќе имплементирани во претходните измени на Изборниот законик.
На крајот од средбата Џафери и Мекачи изразија подготвеност за продолжување на отворениот дијалог и плодната соработка, особено во контекст на нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.

