Македонија
Средба Џафери-Рот: Уставните измени нема да бидат на штета на ниту еден Македонец во земјата
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со претседателот на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот на Сојузна Република Германија, Михаел Рот.
Од страна на претседателот Џафери, како што информираат од неговиот кабинет, била поздравена оваа посета во момент кога, како што велат, земјата треба да го започне процесот на скрининг како прва фаза од почетокот на преговорите за членство во ЕУ, после долг период на застој и блокади во изминатите децении.
„Тој го информираше соговорникот за придонесот и обврските на земјата во НАТО, за доследното придржување до санкциите на ЕУ кон Руската Федерација и поддршката и помошта која се обезбедува за потребите на Украина. Претседателот Џафери изрази особена благодарност за континуираната поддршка на Сојузна Република Германија во остварувањето на нашите стратешки цели. Истовремено се заблагодари за одличната економска и билатерална соработка на повеќе основи меѓу двете земји и врските со дијаспората, кои заедно придонесуваат за понатамошно унапредување на меѓусебните односи. Во тој контекст, особено ја потенцираше соработката со Германскиот Бундестаг за независно собраниско обезбедување како еден од сегментите за осамостојување на Собранието“, е нагласено во соопштението.
Рот нагласил дека неговата посета се реализира како поддршка на следните чекори кои Собранието треба да ги преземе за непречен тек на процесот на преговори за членство во ЕУ.
Тој ја пренел благодарноста на претседателката на германскиот Бундестаг, Барбел Бас до претседателот Џафери за градењето на мостови на поддршка во време на поларизација, економски предизвици и воена агресија и дека никој нема корист од ослабувањето на демократијата, бидејќи тоа оди на штета на граѓаните кои направија многу во изминатите години. Изразувајќи целосно разбирање за фрустрациите и разочараноста од актуелните случувања, Рот потенцирал дека ЕУ нема право да се меша во јазичниот и културниот идентитет на Македонците и тоа мора да се почитува.
Во однос на претстојните уставни измени за влегување во следната фаза од преговорите за членство во ЕУ, го искажал ставот дека треба да се исполнат преземените обврски и дека тоа нема да биде на штета на ниту еден Македонец или Македонка во земјата, а Германија ќе стои цврсто зад спроведувањето на ветувањата кон земјата дадени од Европската Унија, за забрзување на евроинтеграцискиот пат кој не е само во корист на регионот, туку е во корист на сите земји членки на Унијата.
На средбата присуствувале амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Холштајн и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, информираа од кабинетот на Џафери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По срамниот настап во Собранието, Џихан Ахмед ја повлече кандидатурата за членка на комисијата за заштита од дискриминација
Џихан Ахмед ја повлече својата кандидатура за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, откако нејзиниот настап во Собранието предизвика бурни реакции и остри критики од јавноста.
Ахмед испратила известување до Собранието дека ја повлекува кандидатурата.
На прашање од претставници на граѓанските организации во Собранието, таа не успеа да покаже основно познавање на Истанбулската конвенција која е клучен меѓународен документ за заштита на жените од родово-базирано насилство и дискриминација.
Ахмед зборуваше за Истанбул како град и за историскиот период на Мустафа Кемал Ататурк и мислеше дека е прашана за тоа каква е состојбата денеска во Истанбул.
Ахмед дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан први“, а магистрирала на Европскиот универзитет.
Македонија
(Видео) Филипче: Поддршка за протестот на работниците, платите за време на СДСМ драстично пораснаа
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска изрази целосна поддршка за протестот на Сојузот на синдикати на Македонија и за барањата на работниците упатени до Владата.
„Вчера попладне имавме состанок на Извршниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и зазедовме став да се поддржи денешниот протест на Сојузот на синдикати на Македонија и да се поддржат барањата коишто работниците ги имаат до Владата. Сметам дека барањата се реални, дека се објективни, дека поголема плата е заслужена и вистински потребна и за преживување на работничките семејства во државата. Јас жалам што завршија добрите пракси од минатото, од времето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија кога во континуитет растеа и минималната плата и просечната плата. Минималната плата скоро се дуплираше и просечната плата исто, и тоа во време на најголеми кризи како што светот немаше видено тогаш, ковид кризата и енергетската криза“, истакна Филипче.
Тоа, како што рече, е резултат на една добро водена економска политика во државата, кога во државата имаше и добра реализација на капитални инвестиции, кога имаше и странски инвестиции, а сето тоа во оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, го нема, лошо функционира.
„Едноставно сме соочени со ситуација во којашто се што владата прави се само нови и нови задолжувања, кои што ќе ги враќаат следните генерации. Даваме максимална поддршка за денешниот протест. Жалам што пред неколку месеци оваа власт не го поддржа нашиот предлог за зголемување на минималната плата. Ние ќе продолжиме и понатаму, во следниот период да изнаоѓаме и предлагаме законски решенија со што ќе го подобриме стандардот на граѓаните“.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Наградата „Феникс“ е силна порака дека Центар ги вреднува знаењето, талентот и истрајноста
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја додели највисоката општинска награда „Феникс“ за постигнувања во науката, уметноста, културата, спортот, воспитувањето и образованието за 2025 година.

Герасимовски потенцираше дека Општината и Советот ќе продолжат да ги поттикнуваат и вреднуваат трудот и успехот на своите жители.

„Наградата е признание за посветеноста и талентот на нашите сограѓани, кои ја афирмираат Општина Центар на домашната и меѓународната сцена. Особено ме радува фактот што добитниците се млади центарци, кои допрва ќе го градат својот живот и кариера“, нагласи Герасимовски, честитајќи им на наградените.
Тој им посака да продолжат со усовршување во науката, на спортските терени и во уметноста.

Добитници на „Феникс“ се:
Софија Пиштолова, ученичка во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ – модерни танци
Марко Татули, ученик во СУГД „Методија Митевски Брицо“ – боречки спортови
Кристијан Јанев, ученик во СУГД „Орце Николов“ – тенис
Тамара Танеска, ученичка во ООУ „Кочо Рацин“ – природни науки
Виктор Вранишкоски, ученик во ООУ „Коле Неделковски“ – пливање
Томи Тодоровски, ученик во ООУ „Киро Глигоров“ – триатлон
Наградените добија дипломи и паричен износ од 30.000 денари.

Признанието „Феникс“ го носи името на митолошката птица феникс, симбол на Општина Центар, кој ја претставува истрајноста, обновата и успехот.

