Македонија
ССМ поднесе тужба против Владата
ССМ поднесе тужба против Владата поради непостапувањето во целост согласно Закон за измени и дополнување на Законот за минимална плата, со кој е утврдена висина на минимална плата во износ од 18.000 денари во нето-износ, што претставува зголемување од 18,4% во однос на вредноста на претходната минимална плата.
„ Согласно член 8 од Законот за минимална плата потребно беше да се усогласат платите на сите вработени со порастот на минималната плата.
Платите на другите вработени кои имаат плата под минималната, за дел вработени се усогласени со порастот на минималната плата, а без оправдани причини и спротивно на закон, Владата не го направи тоа за сите вработени во јавниот сектор, односно паушално и без критериуми платите некаде не се зголемуват воопшто, а некаде се зголемуваат за одредени категории на вработени наспроти други категории на вработени во јавниот сектор за кои Владата е непосреден работодавач.
Постапувајќи на овој начин Владата го наруши принципот на еднаквост на граѓаните и работниците кој е уреден во член 9 од Уставот на Република Северна Македонија во однос на остварување на нивните права и обврски кои произлегуваат од работниот однос.
Токму почитувањето на принципот на еднаквост и недискриминација при остварување на работничките права како најзначаен дел од граѓанските права претставуваат показател дали една држава е демократски ориентирана и искажува еднаква грижа без дискриминација кон сите свои граѓани и работници.
Правото на „достоинствена заработувачка, односно заработувачка што обезбедува пристоен животен стандард” е право гарантирано со меѓународните инструменти за човекови права (чл.7 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права на ООН; Дел 1, точка 4 од Европската социјална повелба), вклучувајќи ги и меѓународните стандарди на трудот (првенствено Конвенциите и Препораките на МОТ). Правото на „соодветна заработувачка” е и уставно загарантирано право во РС Македонија, утврдено во чл.32, став 3 од Уставот на Република Северна Македонија . Од 2012 година, ова право се стекнува со дополнителна поткрепа, преку усвојувањето на Законот за минималната плата.
Неусогласувањето на колективните договори со Законот за минимална плата, односно одбивањето на Владата да се вклучи во суштествен социјален дијалог за зголемување на останатите плати пропорционално со зголемувањето на минималната плата е причина и за генерален штрајк во цел јавен сектор кој веќе трет месец трае онаму каде што не се усогласени платите на вработените и за прв пат во историјата на Македонската држава се случува генерален штрајк во цел сектор кој трае толку долго, а една Влада одбива да разговара со претставниците на работниците.
Владата добро знае дека е должна да постапи и да го примени член 8 од Законот за минимална плата и да ги зголеми платите за износот утврден во последното зголемување на минималната плата за сите вработени во јавниот сектор без дискриминација.
Дотолку повеќе што во приватниот сектор особено каде што ССМ има синдикати, приватните работодавачи постапувајќи по законот ги усогласија колективните договори и ги зголемија платите на своите вработени, а истото го сторија и општините, градот Скопје и јавните претпријатија основани од општините и Градот Скопје, а останаа уште оние работници за кои е надлежна Владата како вработените во дел во министерствата и јавните претпријатија за кои е основач Владата.
Произлегува дека без постоење на реални и оправдани причини, Република Северна Македонија ,Владата на Република Северна Македонија постапи спротивно на Уставот на Република Северна Македонија во кои е уредена обврската за почитување на правото , законите и целосно функционирање на правната држава, односно Република Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија не постапи согласно Законот за минимална плата, другите закони и владеењето на правото и не обезбеди зголемување на платите на сите вработени во јавниот сектор туку тоа го направи само за еден дел од вработените во јавниот сектор во државата.
На овој начин Владата на Република Северна Македонија како тужена во постапката го повреди правото на еднаков третман и со пропуштање на дејствија и нивно непреземање го повреди правото на еднаквост со што прави дискриминација кон своите вработени.
Дополнително, со поднесувањето на оваа тужба, ССМ ќе ги искористи и сите други достапни механизми и ќе поднесе соодветни тужби и пријави пред меѓународните институции за што веќе добиваме помош и поддршка од Европската конфедерација на синдикатите“ соопшти ССМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

