Македонија
ССНМ: Апелот на Министерството за здравство претставува потенцијална цензура

Повикот на Министерството за здравство да не се снимаат, фотографираат и да не се земаат какви било изјави од лицата што се рехабилитираат од повредите од пожарот во Кочани предизвикува сериозна загриженост за слободата на медиумите, но и за одбраната на јавниот интерес, смета Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници.
Од таму додаваат дека новинарите и медиумските работници најдобро знаат, следејќи ги правилата и стандардите на својата професија, кога, каде и како да земат изјава за настан кој е од висок јавен интерес, како што впрочем е и процесот на лекување на повредените од трагедијата во Кочани.
„Македонските медиуми од денот на пожарот до денес покажаа внимателност и почитување на професионалните стандарди, притоа грижејќи се за чувствата и на настраданите и на нивните фамилии. Ваквите инструкции, односно забрани од Министерството за здравство, иако затскриени зад терминот апел, претставуваат опасен преседан, кој потенцијално може да прерасне во цензура, која е забранета со членот 16 од Уставот. Министерството, но и другите државни институции, мора да бидат свесни за својата позиција и дека вакви апели всушност претставуваат институционален притисок врз слободата на говорот како основно право не само на медиумите туку и на сите граѓани“, велат од ССНМ.
Од таму велат дека медиумите се чувари на јавниот интерес и клучна алка во откривањето на неправилностите во едно општество.
Со нивно професионално дејствување, односно известување, велат од ССНМ, се крева свеста кај граѓаните за одредена тема и се шири фронтот за подобрување на состојбите, како што впрочем беше и со сите извештаи за условите во кои се одвиваше рехабилитацијата на повредените по големата трагедија во Кочани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска Давкова објави дека се фотографираше со Доналд и Меланија Трамп

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на својот Фејсбук-профил објави дека ѝ претставувало чест да присуствува на приемот што го приредија претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, и неговата сопруга Меланија Трамп, по повод 80. Генерално собрание на Обединетите нации.
Во објавата таа истакна дека во овие турбулентни времиња е важно да не се отстапува од демократските вредности и да се работи заеднички на зачувување на глобалниот мир и безбедност, додавајќи дека САД остануваат искрен сојузник на Македонија.
„Благодарност за гостопримството!“, напиша Сиљановска Давкова.
Македонија
Филипче: Ѓубрето во Скопје е исклучиво одговорност на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Сoцијалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарски прашања поврзани со најновите анкети кои се појавија во јавноста, а кои наводно укажуваат на слаб резултат на СДСМ, остро ги отфрли ваквите наративи, оценувајќи ги како намерен обид да се искриви реалната слика во општеството.
„Прво, анкетите сметам дека се обид да се искриви вистинската слика во секојдневниот живот и реалноста, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ според наши анализи губи огромен број на гласови. Сакаат да створат некаква перцепција дека се победници, меѓутоа вистината е дека граѓаните воопшто не се задоволни од начинот како тие ги раководат општините“, рече Филипче.
Во одговорот, Филипче посочи дека токму локалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во изминативе четири години е најсилниот аргумент против нив, особено во главниот град.
„Еве, 90% од општините во Скопје, вклучувајќи и градот Скопје, се раководени од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 4 години. Па гледајте во каков град, какви општини живееме. Така што сметам дека е тоа само еден таков обид“, рече Филипче.
На новинарско прашање за хаосот со ѓубрето, запуштените улици и урбаната запоставеност на градот, Филипче директно ја посочи одговорноста кон ВМРО ДПМНЕ.
„Исклучиво и ексклузивно вината е во ВМРО-ДПМНЕ, во блокадите на Советот во Град Скопје, во рамките на раководењето на нивните општини. Еве, видете како е несредено, неискосено, неисчистено и во Аеродром, и во Кисела Вода. И сега тие луѓе повторно претендираат да бидат градоначалници“, рече Филипче.
Тој додаде дека оваа очајна слика е резултат на неработење и неодговорност на ВМРО ДПМНЕ, а дека пуштањето на анкети со однапред нарачани резултати е обид за одбрана од вистината.
„И во една таква ситуација, кога луѓето се свесни дека тие луѓе немале никаков перформанс, и сега се повторно кандидати, сè што можат во овој предизборен период е да пуштат такви лажни анкети“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Пожарите стивнаа, остана само еден активен

На територијата на државата денеска до 18:00 часот има два пожари на отворен простор, од кои еден пожар е активен и еден е изгаснат, информираат до ЦУК.
Активен е пожарот во Општина Демир Капија, кај м.в. Јаворица каде гори нискостеблеста деградирана шума.
Изгаснат е пожарот во село Дедели, во Општина Валандово, каде гореше депонија.