Македонија
Синдикатот апелира да се заштитат новинарите и медиумските работници за време на гласањето
Со оглед на комплицираната ситуација поради коронавирусот, како и строгите протоколи кои ќе се применуваат на денот на гласањето, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги повикува Државната изборна комисија, политичките партии, како и сите надлежни институции да обрнат внимание на заштита на здравјето на новинарите и медиумските работници .
ССНМ посебно изразува загриженост за начинот на кој ќе се спроведе известувањето, односно покривањето од страна на медиумите на чинот на гласањето на високите партиски функционери, кои традиционално предизвикуваат големо внимание .
„Од досегашното искуство при гласање на одреден политичар во гласачкото место влегувале над 15 сниматели и фоторепортери, што имајќи го предвид протоколот за гласање (најмногу двајца гласачи истовремено), како и големината на просторот каде што се гласа, претставува ризик како за медиумските работници, така и за претставниците на избирачките одбори и набљудувачите . Затоа повикуваме навремено да се разгледаат овие потенцијално проблематични ситуации и да се донесат правила и протоколи според кои јавноста нема да остане неинформирана, снимателите и фоторепортерите ќе си ја завршат непречено својата работа, а притоа и здравјето на сите инволвирани ќе биде максимално заштитено“, велат од ССНМ.
Истовремено ги повикуваат медиумските работници максимално да ги почитуваат правилата и протоколите за заштита додека ги извршуваат своите работни задачи. Од синдикатот апелираат до ДИК и другите надлежни институции да им овозможат на новинарите и медиумските работници безбедно да можат да си ја вршат работата на денот на изборите .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

