Македонија
ССНМ бара зголемување на минималната плата, се приклучува на протестот на работниците
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги поддржува актуелните барања на дел од поголемите синдикатите и ќе се вклучи на протестот закажан за утре, 28 јануари.
„Оваа одлука беше донесена на состанок на Извршниот одбор со која истовремено ССНМ ги повикува своите членови да дадат полна поддршка на барањата за зголемување на минималната, но и сите плати на работниците во земјава. ССНМ смета дека приклучување на протестот на кој повикува Сојузот на синдикати и е закажан за среда од 17 часот е достоинствено демонстрирање на потребите на работниците“, смета синдикатот.
Од таму велат дека аргументите за оваа одлука се повеќе од видливи особено во медиумската индустрија која во последните години доживува континуиран пад на висината на приходите на ангажираните медиумски работници, како и на условите за работа што, во продолжение се рефлектира, и врз целокупните општествени процеси во Македонија.
Според анкетата на ССНМ и Институтот РЕСИС објавена во 2024 година, повеќе од половина од членовите на медиумската заедница заработуваат помалку од просечната месечна плата во земјава, а последните податоци говорат и дека голема е бројката (безмалку една третина) на новинари, камермани, креативни дизајнери, монтажери и останати кои од работодавачите се „држат“ на минималната плата. Со оглед на тоа дека голем дел од вработените во медиумскиот сектор се директно поврзани со оваа категорија, ССНМ бара итно зголемување на минималната плата.
„Како најголема еснафска медиумска организација во Македонија, ССНМ смета дека оваа позиција на ниско ниво на минималната плата е недозволиво, дека законски предвиденото зголемување на истата е недоволно и дека со подигнување на сумата, голем дел од нејзините членови ќе дојдат до повисоки примања и делумно ќе го анулираат инфлацискиот шок што се случува во земјава“, велат од ССНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпорен ѕид се урна во Штип и оштети автомобили кај болницата
Потпорен ѕид на улицата „Љубен Иванов“ во Штип, во близина на клиничката болница, утрово околу 9 часот се сруши и падна врз две паркирани возила, јавуваат локалните медиуми.
Во инцидентот нема повредени лица, а на местото на настанот веднаш излегле надлежните служби.
Според првичните информации, причина за уривањето на ѕидот се неповолните временски услови.
Македонија
Јаневска: Почнуваме нов циклус вложувања во 160 образовни инфраструктурни објекти
Почнуваме нов циклус на вложување во образовни инфраструктурни објекти, кои се еден од основните елементи за подигнување на квалитетот на образованието и за развој на психичкото и физичкото здравје на учениците. Лани вложивме 67 милиони за инфраструктурата. Годинава почнуваме нови 160 инвестиции, од кои 60 се спортски сали.
Ова го изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска по поставувањето на камен-темелникот на новата спортска сала во ОУ „Григор Прличев“ во скопска Железара, каде присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„Она што Владата, Министерството и општините го ветуваат, заеднички работејќи го исполнуваат. Почнуваме со изградба на нови 30 спортски сали и уште 30 се во процес на реновирање“, рече министерката Јаневска.
Вкупната инвестиција во спортската сала во ОУ „Григор Прличев“ изнесува 39 милиони денари, а денес почнува со реализација првата фаза во вкупен износ од 20 милиони денари. Салата ќе ги има сите пропратни содржини со што учениците и младите ќе добијат современи услови за спорт и рекреација.
Македонија
Нелоски: Фирмата на татко ми што ја спомнува СДСМ не учествува на тендери
Шефот на кабинетот на премиерот, Владимир Нелоски, ги отфрла тврдењата на СДСМ дека фирмата на неговиот татко учествува во државни тендери. Тој најави тужба против партијата.
„Ја гледам онаа тирада на нечесни и валкани прес конференции на СДС партијата која е петта во градот Скопје и трета во државата. Тие изобилуваат со невистини, креирани информации и полу информации. Тие треба да го свртат вниманието од комплетното растројство и дезорентираност во просторот на раководството на СДС и Венко Филипче и тој пусти страв од одговорност која знаат дека ја имаат. Мојот татко е дел од спомената приватна фирма, која не учествува на државни тендери, ниту има добиено тендери. И на никаков начин не може да носи одлуки за државните пари. Како и секој човек, па и мојот татко кој цел живот работи чесно во приватниот сектор има право да работи, а впрочем истиот со трговија започнал да се занимава уште пред осамостојувањето на Македонија“, напиша Нелоски.
Тој вели дека колегите од СДС треба да знаат дека со невистини, лаги и манипулации не се добива довербата така се губи и целосно паѓа сликата за партијата која денес е потопена со криминал и корупција, со лични интереси и фракции
„И бидејќи сум чесен и искрен, а сметам дека тоа треба да е клучен принцип во политиката нека не поставуваат прашања од СДС туку нека ги изнесат информациите во потврдна форма за да поднесам соодветна тужбена постапка за клевета пред надлежните органи“, вели Нелоски.

