Македонија
ССНМ бара казни за напаѓачите врз екипата на порталот А1он

Медиумскиот синдикат ССНМ најостро го осудува вандалскиот напад врз новинарската екипа на порталот А1он, којшто се случи вечерва за време на протестот организиран од неформалната граѓанска иницијатива „За зааедничка Македонија“.
„Учесници на денешниот протест ги претепале снимателот Владимир Желчески и новинарот Александар Тодевски во близина на републичкото Собрание и целосно им ја уништиле камерата. По инцидентот екипа на Брза помош ги пренела колегите во Ургентниот центар“, информираат од Синдикатот и бараат полицијата “во најкраток можен рок да ги пронајде напаѓачите и да го расчисти инцидентот, бидејќи ова не е прв пат да се претепуваат новинари и она што најмногу загрижува е што најчесто напаѓачите остануваат неказнети“.
„Токму ваквиот однос кон новинарската професија, меѓу другото, придонесува Македонија секоја година дополнително да тоне на меѓународните листи за слобода на печатот и да гравитира поблиску до земји како Северна Кореја, отколку до современите демократии“, велат од ССНМ.
Дополнително, како што се наведува во соопштението, овој инцидент е резултат на „неодговорните политичари и нивните приврзаници чиј говор на омраза преку медиумите и социјалните мрежи токму на ваков начин се сели на улиците“.
„Со оглед дека протести се најавени и во наредните денови, ССНМ ги повикува членовите на иницијативата за Заедничка Македонија и нивните поддржувачи да направат сѐ што е во нивна можност овој инцидент да не се повтори и да им овозможат на новинарите да си ја вршат работата без да стравуваат за својот живот“, заклучуваат од новинарскиот синдикат./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Од Капиштец почнува караванот „Се гледаме во маало“

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, утрово на брифинг појадок со новинари најави дека караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ отпочнува денеска од населбата Капишец, а ќе трае до 4-ти јули.
Герасимовски потенцираше дека преку овој караван, граѓаните ќе се информираат за тоа што е реализирано во изминатите три ипол години, но исто така центарци ќе можат да дадат и свои идеи, сугестии и предлози за поубав Центар.
„Караванот почнува денеска и ќе трае до 4-ти јули. Заедно со граѓаните ќе креираме политики и идеи и ќе ги реализираме. Самиот караван почнува од населбата Капиштец, од детското игралиште кај Зебра. Со општинските служби ќе бидеме заедно со граѓаните и ги слушаме сите нивни предлози и идеи, она што го правиме во текот на годините преку буџетските форуми, истражувањата, анкетите. Нашата цел е да ги слушнеме центарци за нивните предлози и идеи. Се гледаме вечер во маало“, рече Герасимовски.
Македонија
Салата Работнички ќе биде готова до октомври, Герасимовски вели дека лично тој, редовно прави увид

Салата „Работнички“ чија реконструкција по 50 години почна во јануари годинава, ќе биде готова до октомври. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денес извести дека редовно оди во контрола на градилиштето.
„Во полн ек е работата на салата Работнички. Добро одат градежните работи. Имаме редовни увиди од страна на службите, но и од моја страна за да видиме како течат самите работи. Планираме септември-октомври, доколку се оди во најдобар ред, доколку навремено се исплаќаат сите оние ситуации кои што се доставуваат од фирмите кои што работат на салата, верувам дека до октомври месец истата ќе биде отворена“, вели градоначалникот Герасимовски.
Спортската сала „Работнички“ се реконструира со пари од државниот буџет. Во декември 2023 година Владата изгласа 30 милиони денари да бидат префрлени на Општина Центар за оваа намена, а оваа година Општината од Владата доби дополнителни 1,5 милион евра.
Проектот предвидува нов покрив, фасада, проширен терен, нова еластична подлога, подно греење, климатизација, модерно осветлување и на местото на бетонските клупи да бидат поставени 891 седиште.
Македонија
Арсовска до Стојкоски: Дали ги праша жителите на Ѓорче Петров дали сакаат хемиски фабрики и над 30 висококатници?

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, го обвини градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, дека молчи за дивоградби и висококатници кои одобрил да се градат на булевар на небезбедна одалеченост. Таа го повика Стојкоски да организира референдум за ѓорчепетровци да кажат дали сакаат своите деца и домови да им се наоѓаат меѓу хемиски фабрики.
„Стојкоски, освен твоите другарчиња од штаб, сите останати знаат да читаат, тоа ти е сега најголемиот проблем.
Дали ти ги праша жителите на Ѓорче Петров дали тие сакаат хемиски фабрики на 157.000 m2 и над 30 висококатници да се градат сред општината? НЕ! И покрај тоа што како град Скопје дадовме негативно мислење за овој ДУП, ти упорно сакаш да убедиш некој дека хемиски фабрики е супер да се градат во Ѓорче, а ги молчиш дивоградбите таму и висококатниците кои си дал амин да се градат на булевар на небезбедна одалеченост. Никому јас не стварам никаква несигурност, освен на тебе и твоите пајташи!
Ајде сега читај и гледај фото:
1: Како изгледаше ДУПот во Ѓорче Петров 2: Како изгледа ДУПот што си го изгласал за кој имаш негативно мислење од Град Скопје
3: Како изгледа сега таа локација сред Ѓорче
4: Во твојот ДУП објект Хемиска фабрика 1
5: Во твојот ДУП објект Хемиска фабрика 2
6: Во твојот ДУП објект Хемиска фабрика 3
7: Стојкоски кога лаже 1
8: Стојкоски кога лаже 2
Целиот ДУП е достапен на твојата веб страна за ова да си го видат граѓаните: https://opstinagpetrov.gov.mk/wp-content/uploads/urbanizam/vazecki_urbanisticki_planovi/dup_gradska_cetvrt_sz_16_17_02_2024/sintezen_sz_16_gp.pdf
Бидејќи многу сакате референдуми Стојкоски, направи сега еден да ти кажат ѓорчепетровци лично дали сакаат своите деца и домови да им се наоѓаат меѓу хемиски фабрики!“, напиша Арсовска на „Фејсбук“.