Македонија
ССНМ: За целосно стабилизирање на медиумскиот сектор потребен е нов закон
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги поздравува измените на Законот за медиуми со коишто практично беа прифатени сугестиите на локалните и специјализираните онлајн медиуми, но повторно истакнува дека за целосно стабилизирање на медиумскиот сектор потребен е нов закон целосно усогласен со Европскиот акт за слобода на медиумите.
Од ССНМ појаснуваат дека со овие измени онлајн изданијата беа изедначени во правата и обврските со останатите медиуми, а новинарите и медиумските работници го изборија својот статус на рамноправни со колегите од другите медиуми, статус кој претходно беше мета на арбитрарни толкувања и создаваше проблеми.
„Уште со најавата на измените на Законот за медиуми минатата година ССНМ постојано укажуваше дека се потребни допрецизирања и пред сè, земање предвид на условите во кои работат локалните, но и специјализираните и непрофитните медиуми. Затоа ССНМ поднесе предлози до ЕНЕР (Единствен национален електронски регистар), а потоа низ повеќе средби со Министерството за дигитална трансформација, две панел дискусии и постојани консултации со најголем дел од медиумите кои не беа вклучени во процесот на донесување на Предлог измените на Законот за медиуми придонесе за корекции на измените, што и се случи преку амандмани во Собранието. Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници ги сублимира и ги пренесе ставовите на важниот дел од медиумската сцена, како што се локалните и специјализираните онлајн медиуми до сите релевантни институции (Влада на РСМ, Собрание, Министерство за дигитална трансформација, АМВУ)“, велат од ССНМ.
ССНМ останува на ставот дека овој потфат може само да се гледа како на дел од процесот што треба да заврши со донесување на комплетно нов Закон за медиуми, и тоа низ целосна и сеопфатна јавна дебата во кој ќе бидат имплементирани сите елементи на Европскиот акт за слобода на медиумите (ЕМФА).
Особено важни аспекти кои треба да се опфатат со новиот закон, според ССНМ, се механизмите за заштита на работничките и професионалните права на новинарите и медиумските работници, значајно за објективно и професионално известување од јавен интерес, усогласување на дефинициите за медиум според ЕМФА, сајбер безбедноста на новинарите и друго.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

