Македонија
ССНМ, ЗНМ и СЕММ остро ги осудуваат заканите кон дописничката Милевска
Здружението на новинари (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) најостро реагираат на говорот на омраза и директните закани по живот упатени преку социјалната мрежа Твитер, до колешката Тања Милевска, дописник за државната агенција МИА од Брисел.
„ Како новинарски организации упатуваме на фактот дека и говорот на омраза и ваквите директни закани се опфатени со Кривичниот законик, со што должност е на институциите, првенствено на МВР и на Јавното обвинителство, итно да ги истражат и процесуираат.
Потсетуваме дека безбедноста на новинарите и правото на слободен говор одат рака под рака, заедно со демократските обележја на една држава . Ваквиот јавен дискурс во којшто најбезобразно се напаѓаат новинари, и тоа со најотворени закани по живот е недозволив и незамислив за едно демократско општество.
Фактот што Македонија е во предизборна кампања само дополнително потенцира апелот да биде упатен и до политичките партии како директни генератори на овој опасен тренд преку толеранција на овој наратив од нивни поддржувачи, ботови и лажни профили по социјалните мрежи.
Од институциите бараме итна реакција и будно следење на сите вакви појави, а од партиите јавна осуда на нападите и поддршка на новинарските заложби за слобода на говор и заштита на медиумските работници“ се вели во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Срушена дивоградба во Јурумлери, инспекции во Општина Гази Баба
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, информира дека во Јурумлери на ул. 9 е отстранета дивоградба по постапување на општинската инспекција и донесено решение за рушење.
Сопственикот постапил по решението и сам ја отстранил дивоградбата.
Градоначалникот најави дека инспекциите се на терен и вели дека нема да дозволи диво градење и непочитување на прописите.
„Ставаме ред и почитување на Законот за градење. Инспекциските служби континуирано се на терен и постапуваат таму каде што има неправилности. Нема да дозволиме диво градење и непочитување на прописите“, вели Стефковски.
Тој упати апел до сите граѓани да го почитуваат Законот за градење.
Македонија
(Видео) По барањето за извинување од „Пирамид билдинг солушнс“, СДСМ тврди: Сè е јавно достапно
Откако компанијата „Пирамид билдинг солушнс“ побара извинување од СДСМ, од опозициската партија велат: „Тоа што АКТ го објави се факти, аргументи и докази. Станува збор за 51 тендер во општините, во вредност од 16 милиони евра, и сите податоци се јавно достапни.
Петар Огњеновиќ рече дека фирмата може да се обрати до Јавното обвинителство и од таму да бара извинување.
СДСМ прашува дали е спорен мандатот на Доновски како член на избирачки одбор од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и дали станува збор за клевета или за факти што, како што тврдат, укажуваат на тендерски шеми.
Според СДСМ, сопругата на Доновски е сопственичка на три фирми, а една од нив, „Аксес инженеринг груп ДОО увоз-извоз Скопје“, е основана во 2019 година со Филип Гулевски, кој подоцна станал сопственик и на „Аксес констракшн груп увоз-извоз Скопје“.
СДСМ тврди дека оваа фирма на 4 декември 2025 година добила тендер од 1,1 милион евра за спортски сали во Крушево и Аеродром, доделeн од Министерството за спорт.
Од партијата порачуваат дека Антикорупцискиот тим ќе продолжи со јавно објавување на информации и докази, наведувајќи дека, според нив, „работата не е завршена“.
Македонија
Општина Аеродром објави оглас за давање под закуп покриен шанк во паркот „Авионче“
Општина Аеродром објави оглас за давање под закуп на урбана опрема – покриен шанк, по пат на електронско јавно наддавање, што ќе се спроведе преку електронскиот систем www.e-stvari.mk.
Предметот на закуп е покриен шанк со вкупна површина од 118,76 квадратни метри, лоциран во паркот „Авионче“ во Ново Лисиче. Објектот располага со кафе-бар, кујна, тоалети, тераса и помошни простории и се дава под закуп за период од пет години.
Рокот за поднесување пријави е до 13 февруари 2026 година, а електронското јавно наддавање ќе се одржи на 16 февруари 2026 година.
Како дел од посебните услови, најповолниот понудувач ќе има обврска во рок од 90 дена да постави детско игралиште со реквизити во паркот, да обезбеди редовно одржување на просторот, јавен пристап до тоалетите, систем за управување со отпад и 24-часовна чуварска служба.
„Со оваа постапка продолжуваме со транспарентно управување со јавниот простор, унапредување на парковската инфраструктура и создавање подобри услови за граѓаните, како и поддршка на локалниот бизнис сектор“, велат од Општина Аеродром.
Целосната документација и условите за учество се достапни на www.e-stvari.mk и на официјалната веб-страница на Општина Аеродром, односно на следниов линк: https://sn.rs/rvpmd.

