Македонија
ССНМ му пожелува брзо опоравување на Михајловски и бара новинарите да бидат заштитени
По вчерашната објава дека новинар е заразен со коронавирус, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници уште еднаш апелира до сопствениците на медиуми да ги почитуваат мерките на Министерството за здравство за заштита на вработените на работното место.
„Бараме редовно дезинфицирање на работните простории во медиумите и да се обезбеди соодветна заштита на сите вработени, а особено на медиумските работници кои известуваат од критични места како што се болници, медицински установи и слично.Истовремено, на нашиот колега Гоце Михајловски му посакуваме побрзо оздравување и враќање на работа, а на неговите колеги кои беа упатени на самоизолација да ги почитуваат препораките на здравствените власти и да го издржат периодот на неизвесност кој е пред нив.
Со овој пример уште еднаш се покажа дека по лекарите, припадниците на МВР и на Армијата, пожарникарите, вработените во услужните дејности, новинарите се една од најранливите и најизложените професии во услови на пандемијата на Ковид-19. Затоа ги повикуваме сопствениците на медиуми, но и самите медиумски професионалци да се прилагодат на новата ситуација и беспоговорно да ги преземаат сите препораки и мерки за заштита на работното место . Притоа апелираме сите медиуми кои досега не го прилагодиле и организирале работењето кон новонастанатата ситуација со КОВИД-19 тоа веднаш да го направат, бидејќи здравјето на луѓето и нивните животи се на прво место, бидејќи со непостапување се доведува во ризик и функционирањето на медиумите, а со тоа и информирањето на граѓаните“, се вели во соопштението.
ССНМ смета дека во вакви услови на работење со висок ризик за медиумските работници најавите на некои медиуми дека ќе ги намалат платите е недозволиво и неприфатливо . Ризикот кој го носат редакциите за непречено функционирање на медиумите и непречено информирање на јавноста не смее да биде казнето со намалување на платите, туку со наградување каде што тоа е возможно.
„Ги охрабруваме и колегите да пријават до Министерството за здравство доколку не се почитуваат мерките за заштита во нивниот медиум.Потсетуваме дека борбата против оваа пандемија е невозможна без правилно, навремено и професионално известување и информирање на граѓаните, што значи дека медиумите, односно новинарите и медиумските работници се една од клучните алки во системот и затоа овозможувањето на услови за нивна непречена и безбедна работа се од огромно значење за општеството.
Потсетуваме на клучните препораки и совети за заштита на медиумските професионалци објавени од Меѓународната федерација на новинари:Сопствениците на медиуми треба да гледаат на епидемијата како на здравствена и безбедносна криза и да ги исполнат своите обврски за грижа спрема нивните вработени. Новинарите и другите медиумиски работници како и нивните организации треба постојано да ги следат препораките и советите на Светската здравствена организација за заштита од коронавирусот, а кои се достапни на следниов линк: https://www.who.int/emergencies/diseases/novel-coronavirus-2019/advice-for-public
Во врска со ова, сериозно треба да се земе предвид можноста за работа од дома за да се намали можноста за заразување на работното место.
Новинарите и другите медиумски работници треба да ги бараат своите права на работа во здрави услови и да не одат на работното место кога таму има ризик за заразување со коронавирусот.
Опремата и канцелариите треба постојано да се чистат, особено кога се споделуваат помеѓу вработените.Новинарите и медиумските работници кои контактираат со луѓе кои страдаат од болеста се советуваат на огромна претпазливост бидејќи со тоа е зголемен ризикот од заразување. Пример за ова е посета на медицински установи.Се препорачува програмите во студио да преферираат телефонски или видео интервјуа наместо лично присуство на гостите со цел да се ограничи можноста за контакт. За интервјуата на отворено, пак, новинарите треба да користат продолжеток за нивните микрофони за да се придржуваат до препораките за дистанца и за да се заштитат од заразување“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Велеа решен проблем со транспортерите, а не е, ќе понесе ли Николоски одговорност
Вицепремиерот Николовски велеше не се секирајте проблемот на транспортерите е решен, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем, но еве не е решен, укажа претседателот на СДСМ, Венко Филипче на средбата со Општинската организација на СДСМ во Гевгелија. Филипче посочи дека дел од компаниите веќе се селат во Бугарија и во Хрватска.
„Гледате како излажа вицепремиерот Николовски за транспортерите. Што велеше, не се секирајте, завршен е проблемот, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем. Еве, не е така. Ќе понесе ли одговорност затоа што не ја зборел вистината? Зборувавме со неколку компании. Веќе се селат во Бугарија и во Хрватска. Таму ќе ги регистрираат транспортните компании“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче нагласи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ја доведе државата до состојба на изолација и без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите, граѓаните.
„Целосно не изолираа, целосно не изолираа. Ќе го враќаа името, ќе обезбедеа подобра преговарачка позиција. Ништо од тоа. Ништо. Ние сме изолирани, слепо црево на Балканот. Нема план како напред, кажува премиерот, што не кажуваше пред изборите 2024 дека ќе го запре целосно европскиот пат и нема да има уставни измени. Тој велеше и ветуваше, ќе има подобра преговарачка позиција за земјата. Затоа му дадоа поддршка луѓето, не за да го запре европскиот пат на земјата којшто трае од 1991 прва година“, рече Филипче.
Тој додаде дека премиерот Мицкоски нема право да ја држи изолирана државата и да ја загрозува иднината на граѓаните.
„Тој нема право да го прави тоа, тој нема никакво право, ни морално, ни политичко, да ја запре земјата, да ја изолира, да не стави целосно на страна, под силно влијание на српско-унгарски интереси, на медиумска мрежа којашто не ја кажавме ние, ја анализираа независни истражувачки новинари.Кажаа дека таква мрежа, која што шири антиевропски наратив, проруски наратив е контролирана од Орбан. 40% од медиумите кај нас се под контрола на Орбановата мрежа на медиуми“, рече Филипче.
Македонија
Воена вежба на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро, надлежните апелираат на внимателност до месното население
СВР Охрид известува дека, утре (17.02.2026 година) од 04 до 09 часот, на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро кај караулата во струшкото село Радожда, воена вежба ќе реализираат припадниците на македонската и белгиската армија.
„При извршување на вежбовните активности, ќе биде употребена маневарска муниција поради што, апелираме до месното население на адаптирање на своите обврски и внимателност при нивното извршување како и придржување до насоките на униформираните службени лица задолжени за безбедноста на подрачјето“.
Македонија
Филипче: Премиерот се луксузирал со владин авион на одмор додека нема пари за плати
„Гледаме како се луксузирал премиерот, како го користел владиниот авион да оди на одмор без никаков срам. Треба да одговори на прашањето кој бил со него во авионот? Треба да одговори на прашањето зошто најавуваат купување на нов владин авион, за повторно да го користи во приватни цели за приватни патувања?“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на попладневната средба со партиското членство од општинската организација на СДСМ Гевгелија, во рамки на теренските активности на партијата.
Филипче ја критикуваше власта за луксузирањето и што велат од партијата, негрижата за животниот стандард на граѓаните. Тој нагласи дека во време кога граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања и ниски примања, власта се луксузира на грбот на народот.
„Тоа ли е целта? Во време кога не сака да им зголеми плати на работниците, прават такви трошоци, луксузирање на сметка на сите граѓани. Сите граѓани го плаќаат керозинот за тој авион“, истакна Филипче.
Се осврна на животниот стандард и одбивањето на власта да ја зголеми минималната плата.
„Ние ги премоливме, дававме закони два пати, ова е втор пат како го даваме законот за минималната плата. Луѓето не можат крај со крај да врзат. 600 евра плата не е луксуз, минимална плата. Основни потреби не може да задоволува луѓето. Колку е сметка за струја, колку е потрошувачка кошничка, не може да преживеат. Нема слух, нема слух“, порача Филипче.
Тој заклучи дека Владата нема визија и нема план за подобрување на животниот стандард, туку само задолжувања и луксузирање, додека граѓаните едвај преживуваат.

