Македонија
ССНМ: Не смее да се дозволи закон за државно рекламирање во медиумите
Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) уште еднаш силно го истакнуваат своето спротивставување на евентуалните измени на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, со кои би било дозволено рекламирање јавни институции во медиумите.
ССНМ, ЗНМ, МИМ и СЕММ сметаат дека е недозволиво состојбата во медиумската индустрија да биде вратена на нивото од пред четири години кога со државни средства на нетранспарентен начин беа плаќани астрономски суми во медиумите без никакви критериуми. Таа пракса на која се противевме беше оценета како лош пример за државен поткуп на медиумите и придонесе за влошување на состојбата во медиумите и зголемување на пристрасноста во нивното известување.
Оваа реакција на четирите организации следува по вчерашната најава на премиерот Зоран Заев дека најбргу што може ќе биде даден предлог од МИОА за укинување на членот 102, односно негова промена, за да може да ги помогнеме медиумите преку остварување договори со јавни претпријатија, општини и слично, во делот на нивната транспарентност и спроведување на нивните одлуки, како што се седниците на управни одбори, на совети итн.“
„Потсетуваме дека оваа изјава на претседателот на Владата е во спротивност со владините политики, но и со претходните изборни ветувања на СДСМ дека нема да има јавни пари во приватни медиуми, кои многупати и јавно биле повторувани.
Сметаме дека доколку ваквиот предлог биде прифатен, нема да донесе никакво подобрување на состојбата во медиумите и слободата на информирање, туку, напротив, дополнително ќе го наруши и онака ранливиот медиумски пазар и ќе го засили клиентелизмот. Да се потсетиме дека парите на граѓаните завршуваа на приватни сметки, но не се трошеа за подобрување на квалитетот на програмата и содржини од јавен интерес, ниту за поголеми плати на медиумските работници“, се вели во соопштението.
ССНМ, ЗНМ, МИМ и СЕММ не се против одредена финансиска поддршка за медиумите, чија основна задача треба да биде штитење на јавниот интерес и на интересот на граѓаните. Сепак, сметаме дека таа помош треба да произлезе од претходна јавна дебата и да се води од начелото – помош за професионалното новинарство, односно финансиските средства исклучиво да смее да се користат за проекти од јавен интерес, врз основа на претходни јавни конкурси и за подобрување на социо-економската состојба на новинарите и медиумските работници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче за патарините да не глуми социјалдемократ од Тему
Филипче за патарините да не глуми социјалдемократ од Тему, за истите цени кога беа СДС на власт им викаа на граѓаните дека беа ниски, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Филипче од опозиција глуми социјалдемократ, а на власт се богати од тендери и не му текнува на народот. Замислете Филипче дури сега дознал дека во Македонија се плаќале патарини, ама не му текна дека се истите цени од времето кога тој беше на власт. Цените за кои Филипче вика дека ги нема никаде во Европа, се истите кога беше СДС на власт и за кои неговиот сопартиец Бочварски викаше дека се ниски. За потсетување, Бочварски крајно лицемерно и елитистички им викаше на граѓаните ако им се скапи патарините, нека возат по локални патишта. Социјалдемократот од Тему, Филипче имаше 7 години да побара намалување на цените на патарините или во најмала рака ако бил загрижен да му се спротивстави на неговиот сопартиец Бочварски, но не го стори тоа. Или можеби Филипче бегајќи панично кон Грција сега прв пат плати патарини во животот?“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека она што Филипче треба да го каже е каде одеа парите од патарини во нивно време и во чии џебови завршуваа народните пари.
Македонија
(Видео) Филипче: СДСМ ќе побара намалување на цените на патарините
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, најави дека СДСМ во наредниот период ќе предложи повеќе законски решенија за помош на граѓаните, меѓу кои ќе има и законско решение за намалување на цените на патарините, како дел од поширок пакет мерки за олеснување на трошоците на граѓаните.
„Во следните недели ќе излеземе со предлог на повеќе закони согласно нашите вредносни политики од повеќе области, со што во еден од законите ќе побараме и намалување на цените на патарините, како уште еден механизам да им се излезе во пресрет на граѓаните“, рече Филипче.
Филипче оцени дека цените на патарините во земјава се неразумно високи и не се споредливи со оние во регионот и Европа.
„Вакви цени на патарини во државава нема никаде, ниту во регионот, ниту во Европа. Во високо развиените европски земји годишно се плаќа цена на патарина, користење на патиштата ширум државата толку колку што кај нас чини едно движење од тука до некој од граничните премини, до Гевгелија на пример“, рече Филипче.
Македонија
Божиновска – Колумбија: Продлабочување на соработката за зелена транзиција и јакнење на жените и младите
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со Рита Колумбија, постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија.
На средбата беше разговарано за унапредување на соработката во рамки на Рамката за соработка меѓу Северна Македонија и Обединетите нации за одржлив развој 2026–2030, со посебен фокус на приоритетите поврзани со енергетската транзиција, климатската акција, заштитата на животната средина и одржливото управување со природните ресурси.
Посебно внимание беше посветено на Стратешкиот приоритет „Отпорно и зелено општество и екосистеми“, кој предвидува јакнење на институционалните капацитети, унапредување на климатската отпорност, намалување на ризиците од катастрофи и промоција на чиста и одржлива енергија.
Министерката Божиновска истакна дека Министерството останува силно посветено на исполнување на националните и меѓународните обврски во рамкии на енергетската транзиција и праведниот развој, нагласувајќи ја важноста од партнерството со меѓународните организации како клучен поддржувач на реформските процеси.
Во рамки на средбата беше нагласена и досегашната активна соработка меѓу двете институции и заедничките активности на министерката Божиновска и постојаната координаторка на Обединетите нации, Колумбија, во насока на јакнење на улогата на жените и младите во креирањето политики и лидерството во енергетскиот сектор.
Двете соговорнички се согласија дека инспирирањето и охрабрувањето на младите и жените да бидат двигатели на промените претставува основа за одржлив развој.Дополнително, беше разговарано за можностите за реализација на нови заеднички проекти и иницијативи и во иднина.

